„Австралија опен“ воведе строги правила и ригорозни мерки за тенискиот грен слем турнир, вообичаено прв во годината. Во тек се квалификациите во машка и женска конкуренција, а главните мечеви започнуваат на 8 февруари.

Сè е во знакот на борбата против ковид-19, натпреварувачите мора да бидат во карантин 14 дена пред да пристигнат во Мелбурн.

Ќе бидат тестирани неколку пати за време на карантинот, а постојат и правила за ограничување на движењето. Најдобриот светски тенисер ќе биде во карантин во Аделаиде, наместо во Мелбурн, но од тоа воопшто не е задоволен Новак Ѓоковиќ.

Тој ќе биде одделен од останатите тенисери заедно со Рафаел Надал и Доминик Тим, а тој карантин нема да биде строг и тоа ги иритира пониско рангираните играчи.

Ѓоковиќ не сака привилегиран статус од организаторите на Австралија Опен

Австралиските медиуми објавија и што ги чека тенисерите за време на „Австралија опен“. Во карантин тие ќе можат да тренираат со мала група, дури после осмиот ден од карантинот. Тенисерите ќе имаат одредено време да го напуштат хотелот, но секој што ќе замине во карантин без дозвола, автоматски ќе биде казнет со 19.000 американски долари.

Секое прекршување на кој било член на тимот ќе биде санкционирано како прекршок на тенисерот. Прекршување на правилата може да донесе и автоматска дисквалификација и одземање на заработката, но и депортација, па дури и апсење. Дефинитивно не се шегуваат во Мелбурн..

Планирано е доаѓање на учесниците од седум локации – Абу Даби, Доха, Лос Анџелес, Сингапур, Мајами, Дубаи и Анталија и со 18 чартер летови. Тие ќе бидат пренесени до хотелот со автобуси, со полициска придружба, а кога ќе пристигнат, сите горенаведени правила ќе стапат на сила.