Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави вчерашниот напад врз Полска најверојатно бил од воздушната одбрана на Украина. Тој рече дека истрагата продолжува и дека треба да се почекаат резултати, но „првите анализи покажуваат дека инцидентот најверојатно бил предизвикан од украинска ракета за воздушна одбрана.

Advertisements

„Нашата прелиминарна анализа сугерира дека инцидентот најверојатно бил предизвикан од украинска ракета за противвоздушна одбрана лансирана за одбрана на украинската територија од руски ракетни напади. Но, да бидам јасен. Овде не е виновна Украина. Русија ја сноси крајната одговорност бидејќи ја продолжува својата нелегална војна против Украина. Истрагата за овој инцидент е во тек и треба да се почека заклучокот. Немаме индикации дека ова е резултат на намерен напад и немаме индикации дека Русија подготвува офанзивни воени акции против НАТО“, рече Столтенберг.

Столтенберг зборуваше на прес-конференцијата по завршувањето на итниот состанок на земјите-членки на НАТО, во Брисел, откако ракета падна во Полска а две лица загинаа. Полскиот претседател Анжеј Дуда, исто така, рече дека нема индикации дека експлозијата била „намерен напад“, додавајќи дека најверојатно тоа е само несреќа.

„Имав серија меѓународни консултации, почнувајќи од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со американскиот претседател Џо Бајден имав многу важен разговор. САД се нашиот главен сојузник, најмоќната армија во светот. Ве уверувам дека Бајден стави до знаење дека САД се со нас. Истите зборови ги слушнав и од премиерот на Велика Британија Сунак“, рече Дуда.

Претходно, американскиот претседател Џо Бајден од Индонезија изјави дека проектилите најверојатно не се од Русија.

„Не сакам да го кажам ова додека целосно не истражиме, но малку е веројатноста да биле исфрлени од Русија. Но, ќе видиме“, рече Бајден.

И Русија негираше дека нејзини проектили погодиле полска територија. Според руското Министерство за одбрана, нападите што ги извршиле во Украина биле, подалеку од 35 километри од полската граница.

Алсат