Сточарите од Полог во текот на денешниот ден побараа од Министерство за земјоделство да им ги исплати субвенциите за 2020 година. Резервите на трева и пченка им се при крај, а немаат можност да купат. Од друга страна, времето за садење се приближува а тие не можат да се грижат за нивната стока.

Сточарите се закануваат дека доколку до следниот петок не им се исплатат субвенциите, со нивната стока ќе го блокираат автопатот Тетово-Гостивар.

„Ние како сточари од Полог апелираме до Министерството за земјоделство во текот на следната недела доколку не ни се исплатат парите, се собравме сите колеги и преземавме иницијатива да го блокираме автопатот доколку не ни се исплатат парите“, вели сточар.

„До петок да ни се исплатат субвенциите, доколку не се случи тоа, ќе преземеме други мерки и ќе го блокираме автопатот Тетово – Гостивар сите сточари од полошкиот регион и ќе ја изнесеме стоката на улица. Ова е големо доцнење, време е за садење, ние сме блокирани а единствената можност е да ни се исплатат субвенциите за 2020 година“, додава друг сточар.

„Апелираме до Министерство за земјоделство да им помогне на земјоделците од полошкиот регион за субвенциите за 2020 година, тоа е минатата година“, изјави сточар.

Контактиравме и со Министерството за земјоделство, но од таму велат дека исплатите ги врши Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Се обидовме да контактираме и со нив но не успеавме. Во Полог се регистрирани 870 сточари. Ова не прва година сточарите да се жалат за субвенциите и ниската цена на јагнињата во време кога храната за нив им е при крај.