Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, се закани со блокирање на патиштата на северот на Косово, доколку Косово преземе какви било мерки за одземање на автомобили со српски регистарски таблички. Ова, тој го изјави по средбата на претставници на Српската листа со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград. Состанокот доаѓа пет дена пред истекот на рокот за пререгистрација на автомобили во Косово.
„Кога велам мирен демократски отпор на народот, ние навистина го сакаме и го мислиме тоа, но не знаеме во што ќе се претвори и како ќе се развива ситуацијата на теренот. Да, повторам, мирен, демократски и ненасилен отпор на народот, но не знаеме во што ќе се претвори ако некој се обиде насилно да ни го одземе имотот. Ако се преземе било каква насилна акција за одземање на возила, ќе ги блокираме сите влезови и изле. од север и кон центарот на Косово“, рече Горан Ракиќ, претседател на Српска листа
По средбата со Српската листа, во Белград се одржа состанок за национална безбедност. Вучиќ изјави дека ќе продолжат да користат таблички КМ. Тој, исто така, најави дека српскиот народ ќе даде „отпор“ доколку Косово го спречи движењето со регистарски таблички издадени од Србија. Вучиќ додаде дека Србија прифаќа регистерски таблички неутрални за статусот на Косово – КС, но овие регистарски таблички не се прифаќаат од Косово. Во меѓувреме, претседателката на Косово, Вјоса Османи, на прес-конференција рече дека Приштина ќе работи со меѓународниот фактор, за како што рече, да спречи ескалација на сценарија во регионот.
„Србија се заканува со насилство бидејќи Косово го спроведува законот. Ова е големата слика што ние инсистираме да ја видат сите, што е пред се прашање на владеење на правото, прашање на почитување на највисоките меѓународни принципи и стандарди, кои Косово ги почитува. Сè што правиме е спроведување на законот и заштита на сите граѓани без разлика. И како резултат на ова, Србија се заканува со насилство, со барикади кои, како што знаете, се кршење на слободата на движење“, рече Османи.
Во рамките на Договорот за слободно движење, кој Косово и Србија го постигнаа во дијалогот во 2011 година, беше предвидено да се користат регистарските таблички РКС (Република Косово) или КС (неутрален статус). Ова беше предвидено да биде привремена мерка за период од пет години. Косово и Србија во 2016 година се договорија да ја продолжат важноста на регистарските таблички за уште пет години, што значи дека нивната важност истече во 2021 година. Од 1 септември Косово го започна процесот за пререгистрација на автомобили со регистарски таблички издадени од Србија, во тие РКС – Република Косово. По 31 октомври, Владата на Косово соопшти дека автомобилите со српски регистарски таблички нема да смеат да циркулираат на територијата на државата, ниту да ја преминуваат границата.
Алсат