Роднините на жртвите во трагичната несреќа кај Ласкарци, веќе една година залудно одат во Кривичниот суд бидејќи рочиштата постојано се одложуваат. Истото се случи и денеска. Роднините веќе 1 година ја чекаат супер експертизата побарана од Бирото за судски вештачења за да покаже како се случила тешката несреќа со автобусот на Дурмо Турс, јавува ТВ 21.

Супер експертизата требаше да ја изготви Техничкиот факултет во Битола, Универзитетот во Штип или Факултетот за машинско инженерство во Скопје. Ниеден од нив не прифати со образложение дека немаат доволно овластени вештаци. Семејствата не веруваат дека оваа супер експертиза ќе го открие виновникот за несреќата, бидејќи се сомневаат дека е нарачана.

Поминаа речиси 4 години од несреќата во која загинаа 16 патници а 37 се здобија се тешки телесни повреди, но до сега нема ниту еден осуден. Според Синиша Ристовски, брат на починатиот Дејан Ристовски настраданите не се жртви ниту на несреќата ниту на судбината, туку на неодговорноста и немањето контрола.

Реагираа од Кривичен суд велејќи дека по предметот брзо постапиле, но поради немањето супер експертиза немало услови за продолжување на судењето.

„Jавноста, но и оштетните во случајот, треба да знаат дека судот до овој момент има доставено 9 ургенции до Бирото за судски вештачење за навремено изработување на супервештачењето, кое е неопходно за да се завшри доказната постапка, да се изведат завршните зборови и да се донесе пресуда. За сите ургенции, но и за одолговлекувањето од цела една година, судот го има известено и Судскиот совет на РСМ“, велат од Кривичен суд.

Од Бирото за вештачења велат дека на 29 ноември ќе го извршат последниот увид на автобусот и со тоа ќе заврши целата супер експертиза. Автобусот на Дурмо Турс излета од патот на 13 февруари 2019. Обвинети се 6 лица, вклучително и сопственикот на компанијата и возачот  на автобусот.