Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ – ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. Тој во својот говор изјави дека сега на чекор синодите на двете цркви да ги завршат правните документи, по што ќе биде изготвен официјалниот акт и сите останати православни помесни цркви по канонскиот ред да бидат известени. Патријархот на СПЦ Порфириј очекува дека сите помесни цркви ќе го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.

„Браќа и сестри, ние сме сигурни дека и другите помесни цркви ќе ја поздрават автокефалноста на МПЦ – ОА“ порача Патријархот Порфириј.

Македонскиот поглавар г.г Стефан им се заблагодари на членовите на Светиот архиерејскиот собор на СПЦ за признавањето на автокефалноста на МПЦ. Тој во говорот истакна дека црквата е соборна затоа што не се ограничува од никакво место, ниту време ниту народ.

„Црквата не е некаква федерација од помесни цркви, туку од секогаш била една и единствена и обединета од светиот дух, како едно и единствено тело на човештвото. Навистина, Црквата се дели на помали географски целини кои се совпаѓаат со политичките граници кои овој свет ги исцртува за да биде нејзиното раководење полесно. И нашата 80 годишна заложба за самостојна црква никогаш немала за цел да не одвои од телото Христово, туку да ни дозволи и ние како некогаш слободно да можеме да ја извршуваме својата мисија меѓу својот народ ,“ вели г.г. Стефан.

Инаку, заедничката литургија во храмот „Св.Климент Охридски“ во Скопје се одвива на Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.