Како дел од коалицијата „За европска иднина“ не можам да кажам колку пратенички мандати ќе се освојат, тоа ќе го кажат на крајот од денот граѓаните. Сметам дека оваа коалиција ќе биде победничката коалиција и дека ќе го заокружи процесот на евроинтеграција до 2030 година, затоа што покажа дека знае како да работи, вели претседателката на Либералнодемократската партија Моника Зајкова во интервју за МИА во рамки на серијата интервјуа што Агенцијата ги подготви во пресрет на парламентарните избори.

ЛДП која деновиве одбележа 27 години од постоењето на политичката сцена, има тројца кандидати за пратеници, а Зајкова која е ко-носителка во Изборната единица 1 заедно со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, очекува сите тројца да станат пратеници.

Таа нема амбиции да стане дел од владиниот кабинет доколку коалицијата победи на изборите, а во однос на тоа колку министерски места очекува, Зајкова нагласува дека е тоа работа за понатамошни преговори и договори помеѓу коалиционите партнери, но уверува дека имаат квалитетни луѓе кои може да се најдат во кој било ресор во владата.

Во однос на главните поенти од програмата на ЛДП за изборите и колку од овие цели се усогласени со коалицискиот партнер, претседателката Зајкова посочува дека и досега во Парламентот дејствувале заедно и спровеле бројни политики, како субвенциониран студентски оброк и зголемување на средствата за рамномерен регионален развој, кои беа идеи на ЛДП, но највисоката цел е, вели, членството во Европската унија.

Голем дел од програмата на ЛДП „Секој е важен“ која што ја промовираа во ноември минатата година, додава таа, е инкорпорирана во Програмата на коалицијата и тоа во областа на животната средина, во делот на млади поддршка за младите за основање на сопствени бизниси, финансиска помош за домување на млади лица до 29 години, а проектирани се и заеднички мерки во областа на правосудството.