Пет генерации од семејството на актерот обвинет за канибализам е замешано во шокантни настани. За ова прозборе тетката на Арми, која изјави дека нивното семејство долго време било „совршено однадвор, а изопачено однатре“.

Американскиот актер Арми Хамер во последниве неколку месеци е во центар на скандал по обвинувањата за силување и канибализам, а изгледа дека и неговата семејна историја е многу контроверзна. Имено, како што пренесуваат светските медиуми, семејството Хамер пет генерации наназад е вплеткано во шокантни настани. Со ова не е срушена само идеалната слика за актерот, кој до лани беше совршен маж и татко, туку и за целото семејство од кое тој потекнува.

Кеси Хамер, тетка на актерот, која се оддалечила од семејството, ја коментирала шокантната семејна историја и изјавила:

Јаболкото не паѓа подалеку од стеблото. Моето семејство долго време беше совршено однадвор, а изопачено однатре.

Ако се погледне малку подалеку во минатото, познато е дека прадедото на актерот, доктор Џулиус, кој бил комунист и руски емигрант, во 1919 година извршил илегален абортус на сопругата на еден дипломат во својот дом во Њујорк.

Три дена подоцна жената починала, а тој завршил во затвор за убиство. Британската тајна служба одбила да му дозволи влез во Британија, бидејќи верувале дека е советски шпион што сака да прошверцува пари од Москва за американските револуционери. Синот на Џулиус, Арманд, бил во пријателски односи со советските лидери, меѓу кои бил и Ленин, па стекнал богатство соработувајќи со комунистичкиот режим.

Арманд со своето богатство го „купувал“ влијанието и пријателството со богатите и влијателни луѓе. Осуден е за својот придонес во илегалната и тајна кампања на Ричард Никсон, 37-миот американски претседател. Бил близок со Гадафи, како и со принцот Чарлс и покојната Дајана, на кои им праќал скапи подароци и им дозволувал да го користат неговиот раскошно опремен авион „боинг 727“.

Арманд водел двоен живот и имал многу љубовници. Една од нив е Марта Кауфман, која откако откри дека ништо не ѝ оставил во тестаментот, објави како тој го прислушувал нејзиниот телефон, ѝ ставил уред за следење во автомобилот, ја терал да оди на пластични операции за да си го смени изгледот и имал сексуални барања што за неа биле понижувачки.

Тој починал во 1990 година на 92 години од рак, само еден ден по роденденската прослава.

Неговиот син Џулијан, кој го добил во првиот брак со руската танчарка Олга вон Рут, се борел со ментална болест и зависност од дрога, па на 26 години го убил пријателот во својот дом во Лос Анџелес, во кавга за коцкарски долг. Во судењето, за кое татко му Арманд вложил цело богатство, случајот е отфрлен и кажано е дека станувало збор за самоодбрана.

Џулијан добил две деца, синот Мајкл и ќерката Кеси, која во 2015 година ги објави мемоарите „Преживувајќи го моето раѓање“ и откри дека живеела во вистински кошмар покрај таткото зависник од дрога и алкохол, кој одел на лекување. Мајка ѝ по неколку обиди успеала да избега со децата кога Кеси имала 11 години, а кога таа одела кај татко ѝ, куќата била полна со девојки со кои правел развратни забави.

Кеси во куќата нашла фотографии од оргии на татко ѝ и на неговите пријатели, на кои видела дека користел и пиштол, па тоа ја потсетило на детството и потиснатите сеќавања дека татко ѝ сексуално ја злоупотребувал.

Кеси призна дека нејзиното семејство ги избегнало сите проблеми со законот, благодарение на богатството. Свесен за однесувањето на Џулијан, Арманд своето богатство му го препуштил на Мајкл, таткото на Арми, кој парите ги вложил во уметност, истражување на ракот и организации посветени на Евреите.