Tринаесетте советници од ВМРО –  ДПМНЕ во Советот на Општина Штип ќе ги потпишат свечените изјави со уставното име на државата.

Координаторот на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ во Советот на Општина Штип, Душко Иванов вели дека тоа ќе го сторат во интерес на граѓаните, со цел на општината и на Советот да не им се донесе мерка „забрана на прописи“, а и од причина што во решението од Државниот инспекторат за локална самоуправа е укажано и има дадено рок за постапување во рок од 15 дена

– Жалбата не го одлага извршувањето и повторувам во интерес на граѓаните да не дојде до блокирање на општината и донесување на одлука „забрана за прописи“, а со тоа во даден момент би се блокирала Општина Штип. Индеректно би се блокирала работата на градоначалникот на Општина Штип, ќе постапеме согласно решението во делот на свечените изјави, изјави Иванов.

Посочува дека иако ќе ги коригираат свечените изјави, сепак не се согласуваат со решението и затоа  ќе ги искористат сите правни лекови и жалбата во текот на денешниот ден ќе биде доставена до Државниот иснпекторат за локална самоуправа.

Координаторката на советничката група на СДСМ и на коалицијата „Најдоброто за мојата општина” во Советот на Општина Штип, Маријана Рогожарска Поповска посочи дека нивниот став  е оти новите свечени изјави со уставното име треба да бидат потпишани од страна на сите советници на Седница на советот.

-Согласно добиеното решение од Инспекторатот за локална самоуправа, треба да бидат повторени постапките за донесување на одлуките од страна на Советот на Општина Штип. Она што отвара сомнеж е фактот дека иако решението беше доставено до Општина Штип на 12.11.2021,истото е архивирано од страна на општината 16.11.2021, остава впечаток дека мнозинството на овој начин се обидува да манипулира со одлуките донесени на втората и третата седница, под изговор дека во моментот на нивното донесување тие сеуште немале насока на кој начин да постапат, вели Рогожарска Поповска.

Што се однесува за советничката на Левица, пред извесен период партијата Левица имаше соопштение до медиумите дека нивните советници не ги потпишуваат изјавите со Република Северна Македонија.