Некој при готвење може да стави состојки „од око“ и на крај да добие совршен оброк, но некому му се потребни кујнски алатки за мерење, а потоа треба да знае како правилно се користат.

Кујнските алатки за мерење, почнувајќи од вагата, па до мерачот за течности, се повеќе од потребни во секоја кујна, особено ако готвите по рецепт. Тука на прво место се печивата, тортите и колачите, за чија подготовка потребно е прецизно да се измерат состојките. Па, така, мерењето обичен бел шеќер е едноставно, но кога станува збор за кафеавиот шеќер е малку покомплицирано од причина што има грутки, кои ќе дадат лажно точна количина. За да го избегнете тоа, префрлајте од шеќерот во чашата со лажица, по секоја лажица нежно притиснете одозгора, па додајте нова. На крај порамнете до работ на чашата.

Брашно

Најчеста грешка е мерењето брашно. Иако е основна состојка, мерењето со чаша е најголем проблем. При еден експеримент е докажано дека разликата во тежината при мерење со чаша е од 85 до 150 грама, што можеби може да го објасни вашиот последен неуспешен обид за подготовка на колачи. За да не ви се случи ова, откако ќе го отворите брашното, со лажица наполнете ја чашата, па со рамната страна од нож порамнете го брашното да биде до нивото на работ од чашата. Ова треба да ви даде приближна количина, што е околу 125 грама. За да бидете уште попрецизни, инвестирајте во кујнска вага, бидејќи како ќе измерите на пример 140 грама брашно. Секако имајте предвид дека различни видови брашно имаат различна тежина.

Свежи зачински билки

Прва грешка е што мислите дека „сечкан босилек“ не е исто со „босилекот, исечкан“, односно првото ви ја кажува точната количина на исечкан зачин, а второто значи дека треба да го измерите зачинот пред сечкање, па потоа да го иситните. Професионалните готвачи велат дека нема потреба да се двоумите, затоа што двете значат исто и ќе добиете иста количина на кој и да се решите начин да го мерите босилекот (или друг свеж зачин). Изберете што ви е поедноставно, само немојте при мерење да ги притискате.

Исто така, немојте да ги поистоветите свежите со сушените зачини. Ако се решите за втората варијанта, тогаш една лажица свеж зачин заменете ја со една лажичка сушен зачин. Или запомнете дека соодносот е 3:1, свеж наспроти сув зачин. Кај зачините со појак вкус и арома соодносот е 2:1.

Мед и слични лепливи состојки

Готвењето слатки со мед или, на пример, меласа, таан и слично, ве тера да се откажете уште при првата помисла, од причина што овие состојки тешко се мерат, поради лепливоста. Но, постојат трикови со кои можете да си помогнете. За таан, путер од кикирики, прво обложете го садот за мерење со најлонска фолија или ќесичка за фрижидер, потоа наполнете ја потребната количина. Со помош на ќесата префрлете ја состојката во садот за готвење. За мед или меласа помага подмачкување на садот за мерење со малку растопен путер, па да го оставите да се стегне.

Мерење течности во грамови

Иако ви се чини необично кога во рецепт ќе прочитате 100 грама млеко, па наместо тоа мерите 100 милилитри, не ја повторувајте грешката. Ако е напишано одредена течна состојка да се мери во грамови, направете го тоа, освен кога е водата во прашање. Имено, погустите течности како масло, сируп и сл., даваат различна количина кога се мерат во грамови односно милилитри.