Манчестер Јунајтед синоќа ја победи Рома со 6:2, а Единсон Кавани беше брилијантен.

Кавани постигна два гола и повторно ги освои симпатиите на навивачите на Јунајтед.

Големото прашање е дали тој ќе остане во Манчестер на крајот од сезоната, со оглед на тоа што имало приказни за понуди кои доаѓале на негова адреса. Јасна е желбата на луѓето од сегашниот клуб.

„Единсон е одличен. Тој е вистински центарфор, трча, создава шанси, јас сум воодушевен од него“, вели Оле Гунар Солскјаер.

„Сакам да остане во клубот уште една година, тоа е моја желба и тој го знае тоа. Разбирам дека оваа година беше тешка, но сè ќе биде поинаку кога навивачите ќе се вратат. Ова е уште еден Манчестер. Го убедувам да остане секој ден“, додаде Норвежанецот на клупата на Манчестер.

Кавани се поврзува со Бока Јуниорс и наводно аргентинскиот клуб ќе стори се за да го донесе.

Директорот и легендата на тој клуб, Хуан Роман Рикелме подготви тригодишен договор со сезонска плата од четири милиони евра.

Покрај Кавани, во Бока се очекува да дојде и поранешниот играч на Арсенал, Лукас Тореира, сонародник и репрезентативен колега на „Ел Матадор“.

Тореира неодамна, по смртта на неговата мајка, рече дека сака да игра во дресот на Бока и да ја напушти Европа. Во моментов игра за Атлетико како позајмен играч на Арсенал.

Бока подготвува страшен тим кој треба да го „пустоши“ во јужноамериканскиот фудбал, а останува да видиме дали вечниот ривал Ривер Плата ќе проба нешто слично.