Археолозите откопале останки на римски аристократи во Англија. Скелетот на неидентификувана жена, за која се верува дека е стар повеќе од 1.000 години, е пронајден минатата година во оловниот ковчег лоциран на скриени гробишта во градот Лидс.
На претходно непознатото археолошко наоѓалиште во близина на Гарфорт биле ископани останките на 62 лица, меѓу кои и 23 деца. Научниците веруваат дека се работи за луѓе кои биле погребани во доцниот римски и раниот саксонски период, бидејќи на местото биле пронајдени обичаите за погребување од двата периода, соопшти вчера Градскиот совет на Лидс.
Археологот Дејвид Хантер, шеф на ископувањето, вчера изјави за „Си-Ен-Ен“ дека откритието дошло откако бизнисменот поднел барање до Советот за градежна дозвола. Покрај античките остатоци и доказите за погребните обичаи од тоа време, археолозите пронашле и лични предмети, како што се ножеви и керамика.
Хантер изјави дека оловниот ковчег со останки на римски аристократ бил „многу ретко откритие“. „Дрвениот ковчег е обложен со оловен дел, што укажува дека се работи за личност со висок статус“, рече тој. Во ковчегот биле пронајдени и парчиња накит.
Археолозите се надеваат дека откривањето на гробишта стари 1.600 години би можело да им помогне да ја разберат важната и главно недокументирана транзиција помеѓу падот на Римската империја околу 400 година од нашата ера и основањето на подоцнежните англо-саксонски кралства.
Имено, откако Римјаните ја напуштиле Британија, Западен Јоркшир бил во Кралството Елмет. Дури и по заминувањето на Римјаните, во многу области, вклучувајќи го и Елмет, елементите на римската култура продолжиле да се практикуваат заедно со англосаксонската. Оваа практика траела околу 200 години.