Струјата не смее да поскапи, децидни се граѓанските здруженија. Нов ценовен удар врз џебот на граѓаните ќе биде премногу во време на пандемија, и тоа не е дозволиво, велат активистите. Потребни се социјални мерки и реформи, а не зголемување на цените на енергенсите како што се најавува за периодот што следи. Доколку не се послуша гласот на народот, најавуваат масовни протести.

Advertisements

„И понатаму се покачуваат цените, како прехранбените производи, така и за енергија, за гас и за нафта, се поскапува. А, стандардот е нула. Треба да се истакне дека овие работи се случуваат во влада кој има премиер клептократ и се авторитарни до плафон. Тие не прашуваат за социјалната состојба на граѓаните, туку само мислат да прават проблеми и измами“, рече Кренар Османи, Иницијатива против поскапување на струјата.

Користењето на струјата не треба да биде луксуз, туку основна потреба на граѓаните вели синдикалецот Марјан Ристески. Тој предупредува дека доколку цената на струјата се зголеми, добар дел од домаќинствата ќе имаат проблеми со плаќањето на таа обврска, со образложение дека илјадници граѓани останаа без работа во последниов период. Тој порача да проработи разумот пред да се носи било каква одлука за зголемување на цената на струјата.

„Сите се сеќаваме како сега компаниите кои бараат покачување на цената на струјата беа ситуирани финансиски во претходниот период. Кога имаа големи финансиски придобивки, се расфрлаа со пари, да не се навраќаме на кожните гарнитури, расфрлање, недомаќинско работење. Тие раководители кои се на тие компании владата мора да ги притисне малку да работат поодговорно, подомаќински“, вели Ристески.

А, енергетските компании веќе побараа од регулаторот зголемување на цената на струјата. Одлуката ќе се знае на крајот на јуни. Опозициската ВМРО ДПМНЕ даде предлог преку измени на Закон да се намали ДДВ – то на струјата од 18 на пет отсто. Инаку, пред почетокот на зимата Регулаторна и Владата најавуваа дека ќе го зголемат опфатот на домаќинства кои ќе добиваат од државата помош за излез од енергетска сиромаштија, но засега нема ништо од тоа. По ланското зголемување на цената на струјата следуваа протести на незадоволни граѓани, но тоа не ги премисли властите да се откажат од новата повисока цена на електричната енергија.

Иле Петревски