Богат е со витамин Ц и калиум, а содржи и значителни количини на магнезиум, калциум и фосфор. За највредни состојки на лимонот се сметаат биофлавоноидите – моќни антиоксиданти кои спречуваат размножување на штетните микроорганизми, дејствуваат противвоспалително, штитат од кардиоваскуларни болести и рак, ги ублажуваат алергиите.

Лимонот изобилува со пектин, растителни влакна кои се исклучително важни за варењето и ги балансираат мастите и шеќерот во крвта. Лимонската киселина, исто така, го стимулира варењето и ги неутрализира другите киселини во телото.

Свежо исцеден сок од еден лимон во чаша млака вода е омилен природен лек за зајакнување на имунитетот и „чистач“ на организмот што го олеснува слабеењето.

За зајакнување против вирусите и бактериите, се препорачува третман со лимон во траење од шест недели. Покрај свежо исцедениот сок од лимон, за третманот е е потребен и лимонов оцет. Може да се набави готов, а можете да го направите и сами врз база на јаболков оцет.

Оцет со лимон

Подгответе 4 лимони и 7,5 дцл јаболков оцет. Излупете ги лимоните, така што од внатрешната страна од кората да ја отстраните белата кожичка.

Исцедете го сокот и ставете го заедно со кората во тегла за зимница од еден литар. Загрејте го јаболковиот оцет на 50 до 60 степени Целзиусови и сипете го во теглата со кората од лимон и сокот.

Затворете ја теглата и добро протресете, па оставете ја да отстои на собна температура две недели.

За тоа време, секој втор ден, еднаш протресувајте ја теглата.

После две недели, оцетот со лимонот процедете го преку густа цедалка.

Оцетот со лимонот е одличен како зачин за свежи салати и подлога за маринади, на пример, за подготовка на риба.

Третман со лимон

За третманот, потребни ви се секој ден 6 лимони и шише од 100 милилитри од аптека. Шишето треба да биде направено од кафеаво стакло, со цел да се заштити сокот од лимон од штетните ефекти на светлината.

– Наутро измешајте исцеден сок од 1 лимон со 1 лажица лимонов оцет во чаша млака вода и пијте во мали голтки.

– Преполовете го лимонот и излупете ја едната половина, така што белата поткожа да остане на овошјето. Исечете го на парчиња и изедете ги за појадок. Другата половина зачувајте ја со кората до вечерата. За да го зачувате подобро, премачкајте го пресекот со малку лимонов оцет.

– Потоа исцедете ги трите следни лимони и сипете го сокот заедно со 2 лажици оцет од лимон во шишето. Од таа мешавина земајте 15 до 20 капки на секој час во текот на денот, така што до вечерата да ја потрошите ја целата количина. Бидете сигурни дека се придржувате до распоредот на консумирање.

– Од шестиот лимон навечер направете раствор на сок, оцет и вода, исто како и наутро. Изедете ја половината од лимонот што останала од утрото (подгответе ја исто како за појадокот).
Пред новото полнење, исплакнете го шишето со топла вода без детергент.

Изберете природно

Ако е можно, користете хемиски нетретирани, односно непрскани плодови за да избегнете остатоци од пестицидите. Пред да го користите, лимонот секогаш добро измијте го во топла вода. Ако не сте сигурни дека лимоните се природно одгледувани, измијте ги во воден раствор со оцет или сода бикарбона.

За цедење на сокот најдобри се лимоните кои стоеле на собна температура. Најлесен начин да добиете поголема количина сок е да го поставите лимонот на тврда површина пред да го исцедите и да го истркалате неколкупати силно притискајќи го. Количината на сок ќе биде уште пообилна ако лимонот пред да го исцедите го држите во топла вода на температура од 40-50 степени Целзиусови.

Лековита суштина

Со ладното пресување на кората од лимон се добива лековито есенцијално масло, кое е исто така добредојдена природна помош во сезоната на настинки и посилни вирози.

Етеричното масло од лимон, покрај низата други супстанции, содржи и многу цитрали, материи што даваат типичен мирис и вкус на лимон. Бидејќи цитралот може да се произведува и синтетички, важно е кога купувате масло од лимон, да внимавате на тоа да ја има природната боја и да нема вештачки адитиви.

Како и сите други етерични масла, маслото од лимон е високо концентрирана билна есенција. Поради силното дејство се користи во мошне мали количини, во повеќето случаи се доволни само неколку капки. Никогаш не го ставајте неразреден на кожата или во слузницата.
Маслото од лимон ги сузбива штетните микроорганизми, а во ароматерапијата е познато по благотворното влијание врз менталното здравје – мирисот на лимон ги подобрува концентрацијата и расположението. Додадете неколку капки есенцијално масло од лимон во водата (на пр. во чаша) за да го „разведрите“ просторот.

Инхалации со масло од лимон за респираторните проблеми

Оставете 7,5 дцл вода да зоврие, па нека се излади на поднослива температура, но така што сè уште ќе испарува (бидете внимателни при одредувањето на подносливата температура, бидејќи инхалирањето со врела пареа може да предизвика изгореници на лицето и слузницата на дишните патишта).

Пред инхалирањето, додадете во водата 1 лажичка сол и 5 капки масло од лимон. Инхалирајте трипати на ден, сè додека водата не се излади толку многу што веќе нема да се создава пареа.