Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

Се руши митот дека ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија, никогаш не била во современата историја на Македонија. Ова е неизбежниот заклучок што деновиве е заеднички за граѓаните и за аналитичарите во земјата, како и за нашите пријатели од меѓународната заедница.

Оваа партија, односно лидерите од нејзината врхушка, уште еднаш демонстрираaт дека не се подготвени да ја преземат одговорноста и да се издигнат над личните небулозни, нерационални амбиции кои повторно ги ставаат пред националните и интересите на сите граѓани на оваа земја.

Во слепилото на сопствената амбиција, овој грст непромислени и неодговорни партиски „полковници“ ги отфрлаат сите конструктивни, пријателски и добронамерни предлози кои имаат една единствена цел: Северна Македонија да го искористи моментот што доаѓа од геостратегиската актуелна состојба која тргнува од тоа ЕУ, односно Европа да ја добие соодветната улога во новиот светски поредок, а нашата држава освен што може да стане дел од тој процес, добива шанса, многу реална, да го забрза и обезбеди членството во унијата и тоа до 2030 година.

Било кој елементарно политички информиран, и малку запознаен со приликите во регионот, многу лесно ќе заклучи дека од перспектива на војната во Украина и на долгорочните безбедносни прашања за регионот, Европската Унија се соочи со тоа дека мора бргу да ги затвори прашањата на надворешните и на внатрешните граници. И додека надворешните граници ќе се дефинираат откако ќе заврши војната во Украина и на истокот на Европа, ЕУ, а и САД секако, немаат веќе време за нови одлагања на утврдување, одноно на елиминирање на внатрешните граници на унијата. Оние на Западен Балкан. Брисел и Вашингтон веќе одман се едномислени дека интеграцијата на замјите од овој регион мора да бидат вклучени во ЕУ, и да бидат прибрани, кои со членство, кои со влијание, под чадорот на НАТО.

Тоа што ВМРЕ-ДПМНЕ одбива да биде дел од овој процес и да учествува, во очите на меѓународните пријатели на Македнија, ЕУ, НАТО и САД, се гледа како на ризик и како страна на која не можете да ѝ верувате диолгорочно и за прашања кои се од интерес на западно-демократските општества.

Повторно назад на нашата домашна, македонска политичка сцена, како никогаш досега не биле правени такви отстапки и немало таква поддршка каква што сега ЕУ, нејзините повлијателни земји-членки, и САД, за Македонија.

Речиси на дневна основа доаѓаат сите мерки и резолуции за поддршка на Северна Македонија, со постојанио следење на пулсот на политичките турбуленции што главно ги предизвикува ВМРО-ДПМНЕ со постапки кои никој веќе на ги разбира.

Германија за четврток ја најави резолуцијата со која ја потврдува посебноста на македонскиот идентитет и јазик и ја поканува земјата да стане дел од богатството на Европа. Има најава за иста таква резолуција, изјава, декларација и од САД, кои пак со нашата министерка за одбрана потпишаа План за 10 годишна соработка во одбраната.

Францускиот претседател Макрон, пред средбата со германскиот канцелар Шолц во Потсдам, во близина на Берлин, изјави дека не може да има сиви зони во Европа во контекст на проширувањето и дека ако се оддолжи придружувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, „ќе им дадеме повеќе простор на сите оние кои сакаат да ја дестабилизираат Европа”.

Од друга страна, не може поинаку да се нарече освен како антимакедонски и спротивно на националните интереси одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ на подадената рака на Власта. За да ги изгласаат уставните измени, добија понуда да влезат во Владата, да раководат со 5, односно со половина од министерските места на СДСМ, без ДУИ до усвојувањето на дополнувањата на Уставот, а после тоа и да отпочне процесот за подготовка на нови избори.

Допoлнување во пакетот е и најновата понуда на премиерот Ковачевски, Мицкоски да го заземе неговото место доколку прифати тој, од позицијата на Претседател на Владата да ги спроведе уставните измени, за кои, во меѓувреме, рекоа дека немаат ништо против.

Некој рече дека Ковачевски нуди нешто што ќе го нема следната година. Тоа е под – можеби. Но тоа што е сигурно, а го одбива Мицкоски е нешто што Македонија ќе го изгуби за недогледно многу години. Тоа е голема разлика.

Сега засега нема реакција од ВМРО-ДПМНЕ или Мицкоски на оваа најнова понуда на Ковачевски. Ако лидерот на најголемата опозициска партија не „трзне“ и на ова, нема да има друг заклучок кој важи и сега: ВМРО-ДПМНЕ одбива да биде дел од овој процес. И не само што одбива, туку и ја зеде во заложништво иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани со блокада на процесот за интегрирање во ЕУ.

Од тој аспект сега стануваат разбирливи и апсурдните барања како што е тоа уставните измени да стапат во сила тогаш кога земјата ќе биде примена во членство во ЕУ, или она Бугарија да исполни 3 пресуди од Стразбур… Јасно е дека тоа се барања кои се алиби да не се прифати одговорност, дека се „капиџици“ за излез од процесот, што, во суштина, е антидржавничка особина.

Превземено од Рацин.мк