Неодамна забележаните промени во вулканот на грчкиот остров Санторини, една од главните туристички атракции во светот, се резултат на земјотресите кои продолжуваат на архипелагот на Кикладските острови, изјави професорот по геологија Танасис Ганас, директор на Националната опсерваторија во Атина.
Атинската РТВ СКАИ јавува дека споредено со мерењата од пред шест месеци, во август 2024 година, било утврдено дека кратерот на вулканот се подигнал за четири сантиметри и дека се проширил на исток и запад за шест сантиметри.
„Не можам да кажам дека е алармантно, но тоа е важна промена и мораме да ја следиме“, рече Ганас.
Овие промени, објасни тој, се резултат на издигнувањето на магмата од длабочините на Земјата до комората на магмата, која се наоѓа на три километри под кратерот на вулканот на Санторини. Првите мерења покажуваат дека магмата се зголемила за пет милиони кубни метри, додека во последната криза на активноста на вулканот во 2011-2012 година таа се зголемила три пати повеќе – 15 милиони кубни метри, а набљудувањето мора да се продолжи за да се види како ќе се развива.
На Санторини се регистрирани повеќе од 15.000 земјотреси, чиј епицентар е недалеку, под морето, од кои најсилните биле над пет степени, а сеизмолозите претпоставуваат дека е можно да се случи земјотрес со јачина од шест степени.
Додека повеќе од 12.000 од вкупно 15.000 жители го напуштиле Санторини, расте стравот за туризмот, кој е главен извор на приход за тој остров со повеќе од три милиони гости годишно.
Февруари е неофицијален почеток на туристичката сезона на тој остров, бидејќи почнуваат да пристигнуваат бродови за крстарење и започнуваат подготовките за првиот наплив на странци во текот на годината, за Велигден.
Додека некои угостители сè уште работат, досега е откажано пристигнувањето само на еден брод за крстарење, но има и помалку резервации за сместување, изјави за Би-Би-Си Андонис Пагонис, претседател на Здружението на грчките хотелиери.
Санторини во голема мера се потпира на сезонски работници од другите делови на Грција и од странство, а сè уште не се знае колку ќе дојдат.
Покрај тоа, овој период од годината е време за градежни работи и годишно реновирање на хотелот, но сето тоа престана поради загриженоста за безбедноста од земјотресот.
Додека грчките власти брзо реагираа на опасностите од земјотресот со испраќање спасувачки и евакуациски тимови и воведување вонредна состојба за забрзување на помошта, локалното население бара и инвестиции во инфраструктурата на островот каде има мали, но значителни штети, а една од главните работи е побарувачката за изградба на ново пристаниште.
Санторини на Грција и носи 2,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) – 5,9 милијарди евра годишно.