Прелиминарните податоци на новото истражување спроведено на Универзитетот во Оксфорд покажуваат дека вакцината против Ковид-19 на АстраЗенека и Оксфорд е ефикасна против бразилската мутација или П1, изјави извор запознат со студијата.

Податоците укажуваат дека вакцината не треба да се менува за да се обезбеди заштита против таа мутација, за која се верува дека потекнува од бразилскиот град Манауса, изјави изворот кој сакал да остане анонимен, бидејќи резултатите сè уште не се официјално објавени.

Тој не наведува колку точно е ефикасноста на вакцината против таа мутација. Наводно, резултатите од студијата треба да бидат објавени наскоро, можеби овој месец.

Претставници на АстраЗенека и Оксфорд се уште не ги коментирале таквите наводи.

Бразил моментно се соочува со долготраен втор бран на коронавирус, а во средата е регистриран дневен рекорд од 1.910 смртни случаи од последици на Ковид-19.

Варијантата П1 е меѓу факторите за кои епидемиолозите веруваат дека придонесуваат за зголемување на бројот на заразени случаи и починати, а во научната заедница постои загриженост за отпорноста на оваа мутација на вакцините.

Претходно беше објавено дека вакцината на АстраЗенека е веројатно помалку ефикасна против јужноафриканската мутација, која е слична на P1. Затоа ЈАР времено ја прекина вакцинацијата со оваа вакцина. (МИА)