Денес раководителката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска во емисијата “Стадион” на Канал 77 зборувајќи за потребата од прочистување на судството и обвинителството откри дека во фиоката на курир кој починал, биле откриени преку 1.500 платни налози за прекршоци и за мандатни казни, со што државниот Буџет е оштетен за 20 милиони денари.
Јас сум за прочистување на судството и на обвинителството, но да се откријат причините зошто застаруваат предмети, зошто имаме постапки по 15 години, кои се причините за тоа. Но, кога зборуваме за обвинителството и судството нам ни треба пошироко прочистување, да се види администрацијата како работи. Пред некој ден од Судски совет добив известување дека починал некој курир и кај него во фиока откриени се преку 1 500 платни налози, за прекршоци, за мандатни казни… и со тоа за 20 милиони денари е оштетен буџетот, и тоа зборувам за еден вработен само, кој знае колку има други вакви слуачи. Затоа сметам дека треба да има дополнување на одредени закони, на Законот за кривична постапка, на Кривичен законик , Законот за управните судови, мора некои работи да претрпат измени за да бидеме поефикасни, без разлика за кој суд станува збор, рече Русковска.