Руски воен авион за набљудување А-50 бил оштетен во напад со дрон на аеродромот „Мачулиши“ во близина на белоруската престолнина Минск, потврдија членовите на белоруската опозиција во егзил, а лидерката на опозицијата Свјетлана Тихановска рече дека е горда на нив, пренесува „Киев индипендент“.

„Горда сум на сите Белоруси што продолжуваат да се спротивставуваат на руската хибридна окупација на Белорусија и се борат за слободата на Украина“, напиша Тихановска.

Шефот на белоруската антивладина организација БИПОЛ, Александар Азаров, на Телеграм и на полскиот канал за вести „Белсат“ напиша дека станувало збор за беспилотни летала и оти учесниците во операцијата биле Белоруси.

„Тоа беа беспилотни летала. Учесниците во операцијата се Белоруси. Тие се сега безбедни, надвор од земјата“, изјави Азаров.

Советникот на белорускиот опозициски лидер Свјетлана Тихановска во објава на Твитер рече дека ова е најуспешниот чин на саботажа од почетокот на 2022 година.

Прикажи повеќе