Русија изврши напади со беспилотни летала камикази, во украинскиот регион Дњепропетровск. Неколку лица беа повредени, а повеќе цивилни згради се оштетени. Во меѓувреме, жестоки битки се водат во источниот регион Доњецк, како и на југот на Украина. Руските сили, исто така, го бомбардираа округот Никопол користејќи ракети „Град“ и тешка артилерија. Во воздушните напади се оштетени приватни куќи, фабрики и далноводи. Во Киев, претседателот Зеленски изјави дека Украина нема да отстапи ниту педа земја во Доњецк.

„Активноста на напаѓачите продолжува со високо ниво. Секој ден вршат десетици напади. И тие трпат големи загуби. Но, наредбата останува иста – да напредуваме кон административната граница на регионот Доњецк. Нема да предадеме ниту сантиметар од нашата земја“, рече Зеленски.

Доњецк е еден од четирите украински региони кои Русија во септември ги припои по одржувањето на референдумите кои Киев и неговите западни сојузници ги нарекоа лажни. Во овој регион, борбите меѓу украинската армија и сепаратистичките сили поддржани од Кремљ, траат од 2014 година, истата година кога Русија илегално го анектираше и Крим.

Алсат

Прикажи повеќе