Руските сили продолжија со ракетните напади, во повеќе од 40 украински грдаови, кои беа насочени кон енергетските системи, но и цивилни објекти. Нападите следуваат еден ден откако Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која руската анексија на украинските територии ја оцени дека е „незаконска“.
Според украинските власти, нападите ги извршиле беспилотни летала од иранско производство, познати како дронови камикази. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е благодарен на 143 земји кои ја поддржаа историската резолуција на Генералното собрание на ОН.
„Колку е побрутален рускиот терор, толку на светот му станува појасно дека помагањето на Украина да го заштити небото е една од најважните хуманитарни задачи за Европа. Верувам дека ќе ја издржиме оваа задача. Благодарен сум на нашите партнери кои веќе решија да ја зајакнат таквата поддршка за нашата земја – поддршка за ефикасна одбрана во воздух“, рече Зеленски.
Сојузниците на Украина во НАТО соопштија дека ќе испратат нови системи за противвоздушна одбрана и друга воена помош за да го заштитат Киев од руските воздушни напади.
Освен тоа, Франција најави дека во наредните недели ќе испрати радари и системи за противвоздушна одбрана во Украина. Канада ќе обезбеди артилерија и зимска облека и други материјали за украинските војници.
И покрај ракетните напади, Украина ја продолжи воената офанзива со најава за ослободување на уште пет населени места во јужниот регион Керсон. Во меѓувреме, локалните жители раскажуваат за насилството и големите штети предизвикани од руските сили.
„Плачам еден месец, се уште сум шокирана, не можам да го преболам тоа чувство: изгубив се сега кога имам 72 години и толку. Јас останав без ништо. Сите алишта се тука“, рече таа, плачејќи и гледајќи во остатоците од нејзината куќа. “Тоа беше катастрофа, целосна катастрофа, немаше ниту еден мирен ден. Се криевме во засолништето и садевме во градината кога немаше гранатирање”, рече Тетјана Патсук, жителка.
Украинската војска соопшти дека нејзините војници повторно зазеле околу 1.200 квадратни километри територија во јужниот регион Керсон од руските сили од почетокот на контраофанзивата кон крајот на август.
Исуф Кадриу