Министерството за надворешни работи нема информации за наши државјани кои се борат или ги загубиле животите во Украина. Одговорот на институциите во земјава не е променет од почетокот на војната во Украина, иако руските власти континуирано објавуваат ажурирани податоци.
Advertisements
„Министерството за надворешни работи не располага со релевантни информации поврзани со евентуално учество на наши државјани во војната во Украина, ниту наши државјани загинати во војната. МНР континуирано ја следи состојбата преку амбасадата во Украина. Штом има нови информации, јавноста ќе биде известена“, велат од Министерство за надворешни работи.
Русија го објави списокот на оние што ги нарекува „платеници“ и кои се борат на страната на Украина од почетокот на војната до 5 август, од сите земји во светот, вклучително и од С Македонија. Според властите во Москва, 79 државјани на С Македонија се бореле во Украина, од кои 26 се убиени, 21 биле депортирани, а 32-ца остануваат во воените зони. На руската листа се речиси сите земји од Западен Балкан кои Русија одамна ги стави во црниот список откако дадоа поддршка за суверенитетот на Украина.
Според Русија, од Косово во Украина отишле да се борат 156 државјани, од кои 72 загинале. Од Албанија имало 150 граѓани, од кои 53 се веќе убиени. Од останатите земји во светот, најмногу на листата има од Полска, поточно 1.837 граѓани, од кои 643 биле елиминирани.
Нашиот Кривичен законик предвидува затворска казна до 5 години за граѓаните кои се борат во војни во странство. Измените беа направени во 2014 година.
Фатлуме Дервиши