Атанас Величков

„За доброто на Татковината треба само да испосечеме неколку глави и таа за тоа довека, довека ќе ни биде благодарна“. Ова се зборови на Максимилијан Робеспјер, кажани во говор одржан пред француските пратеници, од 21 јуни 1791 година. Робеспјер се смета за еден од најсилните оратори и еден од најпрепознатливите лидери на Француската револуција. Бил еден од лидерите на т.н. јакобинци, претставници на радикално левичарско движење за време на Револуцијата.

Неговата жед за сечење глави, ја зема и неговата сопствена глава во крајот на т.нар. Владеење на Теророт, или само Теророт од септември 1793 година до крајот на јули 1794 година, кога имало серија масакри и многу јавни погубувања од страна на Комитетот за јавен спас.

Речиси 230 години по тие настани во револуционерната Франција, пред само 2 дена го видовме поредното симболично паѓање на една „револуционерна“ глава, а имено онаа на бугарскиот комунистички поет Никола Јонков Вапцаров. Во Делчево група опијанети младинци, ја турнале бистата на доцниот Македонец Вапцаров, чие име освен патрон на Домот на културата во градот, беше искористено и од пиринските македонисти, за чие појавување помогнал и самиот тој, преку неговите доклади изнесени пред членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија.

Опијанетите младинци во Делчево не се демонстранти на некаква туѓа идеологија. Тие се невините жртви на безизлезноста и манијакалното вртење во круг на целата држава. Во нивниот чин нема никакво херојство, напротив, тие сигурно и не биле свесни дека туркаат една од најважните „глави“ во историјата на македонизмот. Македонизмот, онаков, каков што го познаваме денес и чија омраза го (само)осудува да се изеде самиот себе сѝ.

Бистата на поетот-комунист, кој за време на испрашувањето во бугарската полиција не штедел ниту хартија, ниту мастило додека го пишувал својот исказ, е вратена брзо во својата првобитна состојба од страна на локалните власти во Делчево. Нешто што е за пофалба. Еден од столбовите на македонизмот, повторно гордо стои, пред резултатот на своето сопствено делување. Дали Вапцаров би бил горд од тоа што го постигнаа неговите идеолошки другари? Никој не може да даде одговор на ова прашање. Никој нормален човек, па макар бил тој и режимски историчар, тргнат во потрага по „нови глави“ за доброто на татковината. Исто како и Робеспјер.

Ова не е прв пат „главите“ на „апостолите на македонизмот“ да паѓаат, да бидат вандализирани или крадени. Од простотилук, од очај или од немаштија. Херојствата одамна се заборавени или забранети. Нагонот за уништување на секој што мисли поинаку, како со некаква невидлива сила се удира токму таму во темелите на таа омраза. Темели, кои за свој симбол ги земале токму младите и зелени комунисти, кои пред 85 години од Бугари станале Македонци. Оти директивата на нивната Интернационала го одобрила тоа и им го поставила како партиска задача.

Денес бистите на тие „великани“ на македонизмот паѓаат една по друга. Недопрени од бугарска рака. Против нив се исправа гневот на измамените од таа идеологија, за да се воспостави некаков чуден необјаснив ред. Ништожноста на омразата, се враќа како бумеранг врз тие на кои таа омраза им ги донесе сите земни добра. Може би се работи за карма, но тоа е за тие кои веруваат во истата. Секако се работи и за гнев на излажани надежи, се работи за неуспех во намерата да се наметне култ кон личностите на овие комунисти, спроведувачи на една партиска директива.

На 5 март се навршија 108 години од раѓањето на еден друг „титан„ на македонизмот Венко Марковски. За разлика од неговите другари во Македонскиот литературен кружок, како Коле Неделковски и Никола Вапцаров, тој нема биста на територијата на РС Македонија, која би можела да биде вандализирана. Таква биста не постои од разбирливи причини. Венко Марковски по престојот на Голи Оток како сталинист, го менува дресот и завршува како еден од најблиските луѓе до диктаторот Тодор Живков во Бугарија.

Уште е рано за биста на ренегатот на титовизмот. Еден ден, може би некој од македонска страна ќе ја даде паметната идеја токму Венко Марковски да стане симбол на заедничката македонско-бугарска историја и за жал таа идеја, може да биде прифатена од изветреаните пребојадисани во либерална боја комунистички глави во Бугарија. Тогаш, конечно и тој поетот-кодификатор на литературниот македонски јазик, ќе ја добие својата биста во Скопје. Биста, која ќе се судри со очајот, гневот и немаштијата на оние, кои немаат излезна карта од безизлезноста.

Безизлезност од која дури и алкохолот не може да биде излез. Не лутете им се на децата од Делчево. Погледнете што направивте со нивните судбини.