Регулаторната комисија за енергетика побара од министерствата за економија и за труд и социјала да направат нова програма за надминување на проблемот со енергетската сиромаштија. Претседателот на регулаторна Марко Бислимовски за Алсат вели дека освен примателите на социјална помош, во програмата да бидат вклучени дополнителни пет категории на граѓани на кои ќе им се помогне во обезбедување на потребната електрична енергија во домот.

„Значи, поентата е државата да покрива одреден дел од трошокот за електрична енергија на ранливите категории на потрошувачи. Тоа ќе биде процес кој за прв пат ќе се прави во нашата држава. Ние треба точно да ги лоцираме од енергетски аспект овие нови ранливи категории на потрошувачи“, рече Марко Бислимовски претседател на регулаторна комисија за енергетика.

– Advertisement –

Според информациите, министерството за економија треба да изработи измени на моменталното законско решение, а од труд и социјала да ги лоцираат ранливите категории на семејства. Од поширокиот список на категории регулаторот бара да бидат опфатени домаќинства кои добиваат постојана социјална парична помош, домаќинства во кои нема ниту еден вработен член, граѓани кои не се корисници на постојана социјална парична помош, домаќинства во кои има невработено лице, корисник на паричен надоместок од Агенцијата за вработување. Потоа домаќинства во кои има повеќе од два члена во кои има и дополнително и еден пензионер што добива минимална пензија, домаќинства со повеќе од два члена во кои еден е вработен и тој заработува минимална плата. Домаќинства во кои има невработено лице од први април 2020 година.

Ресорните министерства за Алсат соопштија накратко дека работат на програмите, а за финиширање ќе им треба уште време. Моментално велат дека постои програма со која државата се обидува да ја намали енергетската сиромаштија кај семејствата со ниски приходи. Информациите од терен се дека дури 25 отсто од домаќинствата во Македонија живеат во енергетска сиромаштија.

Иле Петревски

Прикажи повеќе