Унгарскиот Парламент денеска усвои Закон, со кој на истополовите двојки практично им се забранува да посвојат деца.
Со Законот, предложен од Владата на премиерот Виктор Орбан, се дозволува само брачните двојки да можат да посвојат деца.
Во изменетите членови на унгарскиот устав сега се вели дека „семејството е засновано на брак и на односот помеѓу родителот и детето. Мајката е жена, а таткото е маж“, се наведува во семејната дефиниција.
Дополнително, со новите измени се наредува децата да се воспитуваат во конзервативен дух.
„Унгарија го брани правото на децата да се идентификуваат според полот определен со нивното раѓање и обезбедува нивно воспитување врз основа на уставниот идентитет и вредностите на нашата нација утврдени во нашата христијанска култура“, се додава.
Истополовите бракови се нелегални во Унгарија, но досегашното посвојување беше можно доколку еден партнер самостојно поднел барање за посвојување. Сега доколку самец сака да посвои дете тоа ќе му биде овозможено само со посебна дозвола од министерот за семејство.