Регулаторната комисија за енергетика ги прави последните пресметки околу формирањето на новата цена на струјата. Деталите за тоа колкави трошоци поднеле компаниите од енергетскиот сектор од земјава до регулаторна, ќе биде соопштено во петок, вели за Алсат претседателот на регулаторна Марко Бислимовски.Токму од тие трошоци зависи новата цена на електричната енергија која ќе биде оформена најдоцна до крајот на идниот месец, а ќе важи од август. Бислимовски засега не открива дали цената на струјата ќе расте или не, но е дециден дека нема да признава трошоци на компаниите кои не се во склоп на дејноста.

Advertisements

„Согласно законот за енергетика и согласно нашите правилници, признаваме исклучиво оправдани трошоци кои што се однесуваат на вршење на дејноста. Никакви трошоци поврзани со активности надвор од дејноста, како што се ски-центри, или инвестиции во одморалишта или хотели кои ги имаат компаниите. Не ги признаваме и не се земаат во предвид, тоа сме го правеле и претходно тоа ќе го правиме и понатаму“, рече Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Од Државните електрани веќе посочија дека е можно да има минимално зголемување на цената на струјата, но оставаат за тоа последниот збор да го даде Регулаторна. ЕСМ учествува со 40 отсто во формирањето на цената за граѓаните и има дополнителна обврска да обезбеди 70 отсто од потребната струја која ја испорачува до граѓаните Универзалниот снабдувач.

Колкаво ќе биде поскапувањето ќе зависи од цената по која ќе биде продадено тоа количество на електрична енергија. Според информациите, од МЕПСО побарале двојно да им се зголеми сумата која ја добиваат од една платена сметка, со образложение дека лани биле во големи инвестиции. А, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека преку измени на закон ќе побараат да се намали ДДВ-то на електричната енергија од 18 на пет отсто. Лани летото струјата поскапи за нешто на седум отсто.

Иле Петревски

Прикажи повеќе