Во следните десеттина дена ќе ги знаеме деталите за ребалансот на Буџетот. Во овој период Министерството за финансии треба да финишира со разговорите со сите институции со цел во јуни или првата половина на јули ребалансот да влезе во собраниска процедура, најави денеска премиерот Зоран Заев.
-Новиот ребаланс на буџетот значи развој, но исто значи пари да ги платиме вакцините, уредите за отисок на прст, за дополнителен развој на земјоделските политики, да ги поддржиме сите пакети на мерки и да бидеме подготвени за се што следува. Влегуваме во развоен дел на нашата економија и излегуваме од пандемијата. Ребалансот значи и дополнително зајакнување на институциите во делот реализацијата на сите програми од Буџетот во овие пет месеци, рече Заев во одговор на новинарско прашање по презентацијата на Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027 во Владата.
Нагласи дека уште на крајот на минатата година најавиле дека ребаланс на Буџетот ќе има не подоцна од средината на 2021 година.
-Бројките и параметрите на собрани приходи во државата растат и тие се дел од основата на воспоставувањето на новиот буџет заедно со новите кредитни линии и посебната мерка на ММФ што го најавија за целиот свет, инвестициите од Европскиот инвестициски план и поддршката на сите наши инвестиции кои ги имаме, посочи Заев.