Да се биде фит жена без разлика на возраста за д-р Анита Николовски значи да се биде жена која е остварена, реализирана, среќна од самата себе и задоволна од својот изглед, удобна во својата кожа, вели д-р Анита Николовски во разговорот за Женски печат/Слободен печат. 

Анита Николовски работи како доктор по медицина, на социјалните мрежи пак  е позната како д-р Фитмама, која споделува корисни совети за трудници, доилки и мајки, а активно е посветена и на „вајањето“ на телата на жените со кои вежба без разлика на нивната возраст. Анита е сопруга и мајка на две деца, љубовта кон спортот ја негува од својата петта година, и има пасија за пронаоѓање на совршен баланс меѓу телото, умот и духот.

За да почнеме со промена на себе, особено во подобрување на нашиот изглед, најважна е донесената одлука. Сепак, на овој пат нè пресретнуваат различни изговори, внатрешни непријатели и страв од неуспех, па почетоците често се одложуваат за „од понеделник“. Кој е според вас пресудниот момент за почеток?

– Пресуден е моментот кога ќе го промениме фокусот и нема да ставаме акцент на изгледот, туку ќе почнеме да работиме за подобрување на нашето психофизичко здравје. Сведоци сме посебно во изминатава година колку е бесценето нашето здравје, нашиот имунитет, па ете, тоа да ни биде мотив плус и отскочна даска. Да сфатиме дека грижата за себе не е курс од три месеци, има почеток, но не и крај, тоа да ни биде стил на живот, алатка плус да излеземе од запчаникот на машинеријата наречена стрес, да допреме до себе, да станеме посилни, повитални, поздрави, а изгледот да ни биде гратис.

Проектот „Фитмама“ е наменет за жените што се грижат за своето здрвје. Има ли напредок во последниве години во однос на свесноста на жените за својата здравствена и психофизичка состојба? Кои жени најчесто ви се обраќаат, помладата генерација или оние од позрелата генерација?

 – Ме радува фактот што свесноста рапидно расте од месец во месец. Луѓето сѐ повеќе и повеќе се свесни за важноста на психофизичката благосостојба на нивниот храм, на нивното тело. Нема предрасуди, заедно ги рушиме сите табу-теми, па вежбаат девојки, жени го подготвуваат телото за бременост, вежбаат трудници, вежбаат доилки, вежбаат жени и на 60+ и нема никакви препреки, доколку, се разбира, нивната здравствена состојба го дозволува тоа. Ме радува и фактот што препознаваат квалитет, препознаваат професионалност на кој ќе го доверат своето здравје и своето тело.

Често ја спомнувате дисциплината како клучна „алатка“ до целта. Од друга страна, се соочуваме со стресни ситуации во секојдневието, и тенка е линијата кога ќе станеме „недицсилинирани“ само за да се почувствуваме спокојни или утешени во нашата позната комфорна зона. Како да се остане дисциплиниран и истраен, а тоа да не нè ограничува, да не го чувствуваме како „казна“?

– Точно, нема секогаш да бидеме мотивирани, она што треба да научиме е да бидеме дисциплинирани. Нормално е да имаме подеми и падови, но кога правите нешто за себе и кога истото го правите со љубов, кога ќе научиме преку физичката активност да го канализираме стресот, да ја исфлиме сета негативна енергија што се наталожила во секој зглоб, да се ослободиме од товарот на својот грб и да ја издишеме секоја фрустрација, на вежбањето веќе нема да гледаме како казна и измачување, туку како на задоволство и ритуал на среќа.

Млади сме онолку колку што е флексибилен нашиот ‘рбет, а годините се само бројка.

Судејќи по вашата одлична форма, доста време поминувате во фитнес салата и дисциплирани сте во поглед на исхраната. Како ви изгледа денот и дневниот план на активности?

– Не мора да бидете професионалец за да изгледате онака како што посакувате. Последниве 5 години, односно откако се остварив во улога на мајка, фитнес сала сум посетила само 2 месеци и тоа 2-3 пати неделно. Сите физички активности ги вршам од дома или во природа. Вежбам своја програма, комбинација од јога и кардио-тренинзи. Секое утро се обидувам да станувам сѐ порано, околу 5.30 часот и денот го започнувам со доза јога. Тогаш наоѓам тишина и мир во нашиот дом со оглед дека имаме две дечиња на возраст од 4 и 2 години. Работам како доктор по медицина, па активностите ги продолжувам на своето работно место. Ние сме традиционално семејство, па се трудиме да го задржиме ритуалот на заеднички ручек, кој најчесто сама го подготвувам. Се трудам секогаш да биде избалансиран и здрав оброк, со внимателно избрирање на свежи намирници од нашето поднебје, особено од некои бабички и дедовци кои си имаат своја скромна бавча. Да почитуваме дека храната е лек и за душата и за телото. Да се избегне емотивното и механичко јадење и да се вклучи свесноста во тек на оброкот, да се нахранат сите сетила, а најпрво душата. Попладнето задолжителна е прошетка на отворено, сѐ почесто децата да доаѓаат во допир со мајката природа и да ги спознаат благодетите кои таа ни ги нуди. Ако сè уште имаме енергија, практикуваме и заеднички тренинг со цела фамилија и после погодете кој прв заспива?

Ефектот на серотонинот, хормонот на среќата ќе го почувствувате и после првиот тренинг. Промени во фигурата се забележуваат после 3 до 4 недели, а толку му е потребно на телото и умот да се „навлечат“ и да станат зависни од новите навики и бенефитот од нив.

Преферирате ли посебен тип на исхрана, диетотерапија?

– Практикувам трпезата да биде и разновидна и балансирана, да внесеме доволно протеини, јаглехидрати и масти на дневно ниво, онолку колку што му е потребно на нашето тело и во сооднос со физичката активност што ја практикуваме тој ден. Не сме „авокадо фамилија“, и не јадеме манго, зелка и стек по цел ден, секој ден, но не јадеме ни пица и сладолед како дневно мени. Немаме забранети намирници, зашто нели забранетото овошје е секогаш најслатко, па затоа и преретко посегнуваме по „лоша храна“. Од религиозен и личен мотив практикуваме пост секоја среда и петок, па и сите христијански пости се трудиме да ги постиме заедно со сопругот, пост со храна, но и духовено воздигнување и телесно прочистување.

Фотографии – Григорија Гулевска