Додека во Албанија, Социјалистичката партија продолжува со постапката за разрешување на претседателот Илир Мета, премиерот Еди Рама на средба со социјалистичките пратеници рече дека ќе стори сѐ за да ја ослободи оваа институција. Рама го нарече Мета гротескен лик, кој ја срами Албанија, албанското општество и секој нормален граѓанин на оваа земја со своето присуство на чело на државата. Рама исто така додаде дека за да најде замена за претседателот, ќе се консултира со Демократската Партија.
„Нема и не треба да има никаква соработка со Илир Мета и неговата партија. Мета треба да биде разрешен, како персонификација на антидржава, казнет од албанскиот народ на 25-ти април. Гротескен лик, кој ја срами Албанија, албанското општество и секој нормален граѓанин на оваа земја со своето присуство на чело на државата. Разрешувањето на Мета не е целосно во наши раце и го знаеме тоа. Но, ќе сториме се што можеме за да ја ослободуваме институцијата Претседател гласајќи во блок- разрешување. Прерано е да се зборува за замена, но во секој случај, без разлика дали е пред време или на време, во зависност од тоа како ќе се одвива процесот, ќе се консултираме со Демократската Партија за името на новиот претседател“, рече премиерот Рама.