Посмртните останки за кои се верува дека му припаѓаат на цар Самоил пристигнаа во Бугарија и со високи почести беа положени во базиликата „Света Софија“ во Софија, во присуство на актуелниот државен врв, како и на поранешни премиери и претседатели.

Бугарската влада го поздрави враќањето на останките по повеќедецениски преговори со Грција. Претседателот на Бугарија, Румен Радев, порача дека договорот има историско значење за двете земји.

„Ако во минатото цар Самуил нè разделуваше, сега нè обединува. Ја прави нашата стратешка соработка уште посилна, а историските односи меѓу нашите држави и народи уште посилни“, изјави Радев.

Во рамки на договорот, Бугарија ѝ предава на Грција 48 религиозни предмети, кои грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги опиша како предмети од непроценлива вредност. Станува збор за реликвии од грчки манастири и црква, кои повеќе од 100 години биле чувани во Националниот историски музеј во Софија.

Мицотакис порача дека враќањето на реликвиите претставува повеќе од обична културна размена.

„Ги поставуваме основите на нешто подлабоко од една едноставна културна размена, бидејќи враќањето на важните реликвии од колективното сеќавање на Грција и Бугарија ги претвора тешките моменти од минатото во мост на заедничка иднина“, рече грчкиот премиер.

И покрај свеченоста во Софија, прашањето за автентичноста на останките останува предмет на дебата. Дел од бугарските историчари посочуваат дека не е направена современа ДНК-анализа со која би се потврдило дека останките навистина му припаѓаат на цар Самоил. Историчарот Милко Палангурски изјавил дека таква анализа не била направена и дека тоа отвора дополнителни прашања.

Според Палангурски, познато е дека на островот Свети Ахил се погребани цар Самоил и членови на неговото семејство, но според него нема доволно истражувања со кои би се потврдила автентичноста на останките. Од друга страна, грчки извори наведуваат дека постојат научни аргументи во прилог на првичната идентификација на останките од страна на археологот Николаос Муцопулос, кој ги открил во 1965 година.

Настанот предизвика внимание и во Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го враќањето на останките, потсети на Бледскиот договор и на враќањето на посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје.

„Моштите на тој великан, којшто бил пред времето, симболизираат многу за македонскиот идентитет. Штета што малкумина денеска го споменуваат Бледскиот договор и сето она што таму е договорено“, изјави Мицкоски.

Дел од експертите сметаат дека Софија и Атина пропуштиле можност со овој процес да испратат порака за добрососедство кон Македонија.

Александар Кржаловски оцени дека природното место за посмртните останки на цар Самоил е во Преспа или Охрид и дека со актуелниот договор е пропуштена можност за поинаков пристап.

Од друга страна, македонски историчари претходно предупредуваа дека прашањето може да се користи за политички и пропагандни цели и дека евентуалните дополнителни научни истражувања би можеле да отворат нови прашања околу потеклото и идентификацијата на останките.

Текстот Останките за кои се верува дека му припаѓаат на цар Самоил стигнаа во Бугарија е превземен од МАКФАКС.