Дел од работодавачите сè уште не им префрлиле плата на работниците за април иако пари за таа намена добиле од државата пред речиси еден месец. Стотина работници се пожалиле во синдикатот дека газдите не им дале плата. Од Сојузот на синдикати на Македонија за Алсат велат дека освен што дел од фирмите повторно го изигруваат законот и парите ги задржуваат, дел од работодавачите на своите вработени им префрлале помала сума од минималната плата.

Advertisements

„Морам да кажам дека и покрај тоа што сега реакциите од надлежните институции се многу побрзи за разлика од порано, повторно имаме работодавачи кои оставаат работници без егзистенција односно без нивната плата и покрај тоа што таа е обезбедена од страна на државата“, рече Слободан Трендафилов ССМ.

Од Бизнис Конфедерацијата пак, велат дека ги осудуваат сите колеги кои ги кршат правилата и ги злоупотребуваат правата на работниците.

„Во име на Бизнис Конфедерацијата на Македонија би сакале да упатиме апел до работодавачите да исплаќаат редовно надоместоци за плати и плати на вработените. Исто така ги замолуваме сите работодавачите сите информации од оперативен, технички и финансиски аспект да ги комуницираат со вработените без оглед на позитивните или негативните случувања ва претпријатието“, наведуваат од Бизнис Конфедерацијата на Македонија.

Синдикалците на неколку пати апелираа до владата, парите наменети за плати, наместо на сметката на фирмите, да им се префрлаат директно на трансакциските сметки на работниците, но власта не ги послуша. Сега повторно се повторува стариот проблем, како што беше во случајот кога лани повеќе од 300 компании не ги префрлија парите за вработените кои ги добија од државата за плати, туку си ги задржаа за себе. Јавното обвинителство покрена обвинение против нив, но засега нема информација за разрешница за ниту еден од случаите.

Иле Петревски