Владимир Путин утре ќе одржи церемонија за приклучување на четирите окупирани украински региони кон Русија, објави Кремљ. Портпаролот Дмитри Песков кажа дека потпишувањето на договорите за приклучување нови територии кон Руската Федерација ќе се случи во 15 часот по локално време (14 часот по македонско време).
„Договори ќе се потпишат со сите четири територии кои одржаа референдуми и испратија барање до руската страна“, изјави Песков.
Меѓународната заедница ги отфрли референдумите во Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје како незаконски и лажни. Одлуката на Путин да ги припои овие региони кон Русија значи дека Москва ќе анектира 15% од територијата на Украина, односно област голема колку Бугарија.
Проруските функционери во четирите региони кажаа дека огромно мнозинство од населението гласало за анексија, во некои случаи до 99%.