Турција се позиционираше со големо внимание да биде посредник со Русија и Украина  и се чини дека тоа се исплати.

Во четвртокот попладне, претседателот Владимир Путин му телефонирал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и му кажал кои се прецизните барања на Русија за мировен договор со Украина.

Би-Би-Си ги откри главните барања на Путин кои му ги соопштил на Ердоган. За сето ова во интервјуто за Би-Би-Си зборува Ибрахим Калин, прв советник и портпарол на Ердоган.

Руските барања спаѓаат во две категории.

Првите четири барања, според Калин, не се премногу тешки за Украина да ги исполни.

Главно меѓу нив е прифаќањето на Украина дека треба да биде неутрална и дека не треба да аплицира за приклучување кон НАТО. Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе го призна ова.

Украина ќе мора да помине низ процес на разоружување за да се осигура дека не е закана за Русија. Ќе мора да има заштита за рускиот јазик во Украина. И има нешто што се вика денацификација.

Ова е длабоко навредливо за Зеленски, кој и самиот е Евреин и некој од чии роднини загинале во Холокаустот, но турската страна верува дека тоа ќе биде доволно лесно за Зеленски да го прифати. Можеби ќе биде доволно Украина да ги осуди сите форми на неонацизам и да вети дека ќе ги запре.

Втората категорија е нешто што може да биде голем проблем, а во телефонскот разговор со Ердоган, Путин рекол дека ќе бидат потребни разговори лице в лице меѓу него и претседателот Зеленски пред да се постигне договор за овие точки. Зеленски веќе изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател и да преговара со него еден на еден.

Калин, во разговорот за Би-Би-Си не бил доволно конретен за овие прашања, велејќи едноставно дека тие го вклучуваат статусот на Донбас, во источна Украина, чии делови веќе се одвоија од Украина, како и статусот на Крим.

Калин не навлегол во детали, претпоставката е дека Русија ќе бара од украинската влада да се откаже од територијата во источна Украина, а тоа може да биде многу спорно.

Другата претпоставка е дека Русија ќе бара Украина официјално да прифати дека Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година, сега навистина и припаѓа на Русија.

Сепак, според Би-Би-Си барањата на Путин не се толку сурови како што се плашеа некои луѓе.

Со оглед на неговата тешка контрола врз руските медиуми, не би требало да биде премногу тешко за него и за неговите соработници да го претстават сето ова како голема победа.

За Украина, сепак, ќе има сериозни грижи.

Ако фините детали од кој било договор не се решат со огромно внимание, претседателот Путин или неговите наследници секогаш би можеле да ги користат како изговор за повторно да ја нападнат Украина.

Сепак, до мировен договор може помине подолго време, забележува Би-Би-Си дури и ако прекинот на огнот го запре крвопролевањето во меѓувреме.

Украина претрпе ужас во текот на изминатите неколку недели, а обновата на градовите кои Русија ги оштети и уништи ќе трае долго време. Така ќе биде и враќањето и вдомувањето на милиони бегалци кои ги напуштија своите домови.