Репрезентативецот на Франција, Осман Дембеле, беше една од главните теми за време на летниот преоден рок откако прво ги напушти редовите на Барселона, а потоа, неколку недели подоцна, потпиша нов договор со каталонскиот гигант.
Сагата околу Дембеле траеше со месеци, а Французинот на почетокот од 2022 година стоеше на излезната врата од „Ноу Камп“ затоа што не сакаше да ја продолжи соработката и можеше на крајот од сезоната да си замине како слободен фудбалер.
Крилниот напаѓач беше принуден првенствените натпревари да ги следи од свечената ложа, но потоа, шефот на стручниот штаб, Чави Хернандез, го врати во првиот тим иако клупските челници беа против таквата идеја. Поради тој потег на Чави дојде до целосен пресврт во случајот со поранешниот фудбалер на Рен и на Борусија од Дортмунд.
Дембеле почна да игра совршено и беше најдобар фудбалер на Барса во вториот дел од изминатата сезона. Откако се дозна дека има одличен однос со Чави јасно беше дека во игра е и опцијата за продолжување на соработката.
Францускиот интернационалец неколку недели имаше статус на слободен фудбалер, затоа што му заврши договор со Барса, но на крајот ја прифати понудата да потпише нов двегодишен договор со каталонскиот гигант.
Јасно е како ден дека Дембеле не ги доби посакуваните пари и затоа е чудно како ја одби понудата на актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ. Неговиот агент, Муса Сисоко, му вршеше невиден притисок за да се пресели на „Паркот на принцовите“, но Дембеле ја одби богатата понуда на „светците“.
Дембеле и во актуелната сезона е еден од најдобрите фудбалери на Барселона и сосема заслужено доби повик во националниот тим. Француските медиуми пишуваат дека ПСЖ има направено голема грешка затоа што не го реализирал веќе договорениот трансфер на Дембеле, а на таа тема се огласи и спортскиот директор на „светците“, Луис Кампос, кој се обиде да објасни зошто ПСЖ во последниот момент се откажа од трансферот на крилниот напаѓач.
„Не сакавме да го ангажираме Осман Дембеле затоа што неговиот стил на игра не одговара на нашиот стил на игра. Станува збор за крилен фудбалер и не беше дел од нашите идни планови“, изјави Кампос.
Голем беше бројот на тие кои се насмеаа после таквата изјава на спортскиот директор затоа што ПСЖ не ја искористи идеалната шанса да ангажира фудбалер од светска класа и тоа без никакво обештетување.
Французинот во актуелната сезона има одиграно осум натпревари на кои постигна два погодока и запиша четири асистенции.
Извор: vecer.press