Фудбалерите на ПСЖ и Барселона ремизираа вечерва (1:1) во реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите.

Првата голема можност во натпреварот ја видовме во 19. минута кога се обиде Усман Дембеле, но Навас беше на вистинското место. Барселона играше одлично од самиот почеток и повторно имаше шанса четири минути подоцна кога Дест ја погоди пречката.

Сепак, ПСЖ направи проблем на Барса по првиот сериозен напад. Ленглет случајно го згазна Икарди во шеснаесетникот, а судијата Тејлор реши да досуди пенал по консултација со ВАР собата.

Одговорност за пеналот ја презеде Килијан Мбапе кој го совлада Тер Штеген и погоди за 1:0.

Сепак, Барселона израмни на 1: 1 во 37. минута. Спектакуларен гол од околу 25 метри постигна Меси, кој како да го истури целиот бес со овој удар, а топката заврши во мрежата на Парижаните.

Барса можеше да ги сврти работите во 45. минута затоа што Тејлор сега досуди пенал за нив, но Навас успеа да го одбрани ударот на Меси, а резултатот остана 1:1.

Притисокот на Барселона се намали во второто полувреме. Каталонците имаа иницијатива, но ПСЖ беше фокусиран на зачувување на мрежата бидејќи имаа огромна предност од првиот натпревар.

Гостите повторно се заканија во 61. минута кога Меси повторно беше во голема шанса, но тој се двоумеше, а играчите на ПСЖ некако успеаја да ја отстранат опасноста.

Првата шанса ПСЖ ја имаше во 83. минута кога Икарди се обиде по контранапад, но топката помина далеку од голот на Тер Штеген. Неколку минути подоцна Мбапе излезе сам пред Тер Штеген, но шутираше слабо.

До крајот на натпреварот, резултатот не се смени и ПСЖ славеше со вкупен резултат 5: 2, и заслужено се пласираше во четвртфиналето од Лигата на шампионите.