НАСА ја објави првата слика од најдалечните галаксии како што биле пред 13 милијарди години, што е првиот производ од најмоќниот телескоп испратен во вселената досега, кој треба да помогне во нови сознанија за почетокот на Универзумот.

Advertisements

Малиот дел од Универзумот, наречен SMACS 0723 беше сликан во богати детали од Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (ЏВСТ) и покажува светлина од многу различни галаксии. Американскиот претседател, Џо Бајден, кој ја откри сликата во Белата куќа, го нарече овој момент „историски“ и додаде дека тој овозможува „нов прозорец во историјата на нашиот Универзум“.

„Навистина е неверојатно. Историски момент за науката и технологијата, за Америка и за целото човештво“, рече Бајден, пренесе Гардијан.

Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, објасни дека сликата покажува светлина од галаксиите кои се наоѓаат околу други галаксии, кои патувале милијарди години пред да допрат до телескопот.

„Гледаме повеќе од 13 милијарди години наназад“, рече тој додавајќи дека новите слики кои ќе ги објави американската вселенска агенција ќе достигнат уште подалеку, околу 13,5 милијарди години што е блиску до почетната точка на Универзумот. „Се враќаме назад речиси до почетокот“, посочи Нелсон.

Откривањето на првата серија слики во боја и нови податоци од Вселенскиот телескоп „Џејмс Ват“ ќе започне во 15:45 часот по македонско време. Преносот ќе можете да го следите во живо на следниов ЛИНК.