Жоан Лапорта убедливо победи на изборите за претседател на Барселона пред неколку дена.

Лапорта ќе се врати на претседателското место во каталонскиот клуб по десет години, и сигурно е дека го очекуваат многу предизвици.

Во првиот мандат постигна одлични резултати и поради тоа доби голема поддршка на изборите, која мора да ја оправда сега.

Шпанските медиуми пренесуваат дека Лапорта веќе има јасна визија за тоа како сака да изгледа клубот и дека ќе им се посвети на другите тимови, не само на првиот тим на Барселона.

Така, Мундо Депортиво денес објави дека Лапорта ќе го смени името на Барселона Б и дека овој тим ќе се вика Барса Атлетик од следната сезона, како што беше случајот од 2008 до 2010 година.

Лапорта сака да ја врати Ла Масија во прв план, и тој очигледно започна од промените во резервниот тим.