Во Северна Митровица, една од четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово, започнаа протести кои претходно беа повикани од Српска листа, водечката партија на косовските Срби која ја има поддршката од Белград.

Српската листа претходно објави дека „средбата“ се одржува со цел да се покаже единство и едногласно да и порачаат на Европа дека Србија е нивна земја.

На почетокот, вработените во образованието, здравството и во косовското правосудство се обратија пред насобраните со порака дека се против „кршењето на основните права“, дека нема да дозволат „протерување од овие простори“, додека оние од судството порачаа дека тие повеќе нема да работат за институциите на Косово.

Небојша Арсиќ, ректор на Универзитетот во Северна Митровица, рече дека се собрале да кажат не на „кршењето на основните човекови права“ и да ги спречат косовските власти да ги одвојат од Србија.

Овој протест доаѓа еден ден откако претставниците на Србите од северот на Косово одлучија да ги напуштат сите институции на Косово, Владата, Собранието, локалната самоуправа, судството и полицијата.