Никола Мајнов е најдобриот пожарникар за 2020 година во Скопје, а Дарко Јовановски најдобриот полициски службеник. Звонко Васев, пак, е крводарител на годината. За своите заслуги во работењето и за својата пожртвуваност тие ги добија заслужените признанија и награди од градоначлникот Петре Шилегов.

Мајнов е спасител во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Јовановски е вработен во Полициска станица од општа надлежност „Гази Баба”, додека Васев е истакнат крводарител кој ја потврдил својата хуманост со 89 дарувања крв.

-Скопје е град на солидарноста и ние ја чуваме таа традиција, а хуманоста и солидарноста стана дел од нашите животи, од начинот на живеење на скопјани. Во овие тешки времиња, особено тешки животни услови и ситуации предизвикани од ковид 19, не можеме да ги заборавиме оние што се истакнале со својата хуманост преку своите дела. Се надевам дека овие награди ќе бидам мотив за добитниците, за нивни колеги, како и за сите нас, како колеги и граѓани да бидеме похумани и посолидарни и да се обидеме да помогнеме секогаш кога можеме, кога на некого ќе му биде потребна помош, рече Шилегов на доделувањето.