Пишува: Иван Николов, издавач и главен уредник на списание „Бугарија-Македонија“ за БГНЕС

Бугарските државници, политичари, менаџери и пратеници не разбраа дека стратешката цел на Грција е да ja спречи изградбата на „Коридорот бр. 8“.

Ентузијазмот со кој се зборуваше за овој десетгодишен сон по потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Република Македонија на 2 август 2017 година, веднаш беше згаснат од Атина. Брзо беше лансирана резевната опција – проектот за изградба на железничката врска Русе – Варна – Бургас – Дедеагач – Кавала – Солун. Нешто повеќе. Тогашниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, на 6 септември 2017 година во Кавала го покани својот бугарски колега Бојко Борисов да потпише меморандум за реализација на овој проект.

Енергетската криза, која ја опфати не само Европа, туку и многу други земји во светот, стана повод Грција да го оживее својот сон за остварување на оваа железничка врска. Тоа од една страна го одвлекува вниманието на Бугарија од инфраструктурата долж оската „Исток-Запад“, а од друга страна им дава адути во рацете на грчките државници да инсистираат на спроведување на сопствената инфраструктурна стратегија. Така, во автопатот Виа Игнација ќе вбризгаат висока доза економски серум, кој е премногу нерентабилен од економски аспект, но за нив од екстремно геополитичко значење.

Дали е случајно што во 1996 година во Атина се појави збирката анализи на кои не еднаш се осврнав, со наслов „Реформи и економска соработка во Југоисточна Европа.“ Книгата започнува со две воведни студии „Грчката надворешна политика на Балканот и Црноморскиот регион“, чиј автор е тогашниот министер за економија Јанис Папандониу и „Грција и Европа“ од проф. Панајотис Корлирас, претседател на Јонската банка, која го објавила делото. Проследено со предговор и 12 поглавја.

За нас е суштинско 12-то поглавје „Отворена“ или „затворена“ инфраструктура и политичките девијации на патот Игнација. Бугарските менаџери задолжително внимателно да ја прочитаат следнава реченица: „Примарна задача станува усвојувањето на тактиката за одвлекување на вниманието од опасниот за Грција проект „Коридор бр.8“…

…Последниве денови ја читам информацијата во бугарските медиуми кои возбудено објавија: „Проектот Sea2Sea за чија реализација почнуваат да работат Бугарија и Грција предвидува железничка линија која ќе ги поврзува Северна Грција и Бугарија со романската граница и ќе овозможи транспорт на значителни количества морски товар од Босфор…“ И повеќе: „Грција и Бугарија имаат намера да создадат заедничка компанија за управување со проектот…“

Ако темелно ја анализираме поддршката предвидена во проектот за негова реализација, разбираме дека Грција намерно инвестирала средства за да ја заврши изградбата на нејзината внатрешна железничка мрежа. И оваа внатрешна железничка мрежа е планирана и имплементирана да стигне до бугарско-грчката граница, подготвена да се поврзе со идната железничка врска со Романија. Или како што вели народот „Со еден куршум-два зајаци“ т.е. со овој проект, од една страна, Атина ја маргинализира изградбата на железничката врска, компонента на „Коридорот бр. 8“, а од друга – привлекува значителен процент од контејнерскиот товар што традиционално минува низ Босфорот…

Ако повторно се вратиме на фундаменталната збирка документи „Реформи и економска соработка во Југоисточна Европа“ и внимателно го препрочитаме 12-тото поглавје, ќе ни стане уште појасно дека појавата на мегапроектот Sea2Sea не е воопшто случајна, туку е постојано барана цел. Тоа е следниот чекор кон реализација на стратегијата поставена во 1996 година за пренасочување на целата инфраструктура од правецот Исток-Запад.

Повторно се враќаме на збирката документи за да го прочитаме она што е запишано во поглавјето 12: „… Земјите како Албанија и Бугарија очекуваат да добијат бенефиции искористувајќи ја нивната географска положба… Природно е на овие очекувања да се спротивстават аспирациите на грчката политика, чија цел е да го премести центарот на гравитација во областа на комуникациите во Северна Грција…“

И додека бугарските елити тврдоглаво одбиваа да ја забележат оваа грчка стратегија, тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, го „плукна камчето“. На форумот во Стразбур без заобиколни патишта тој укажа на суштината на проблемот: „За вас Коридорот бр. 8 од Бургас преку Скопје до Драч е всушност број 1 по неговата економска важност… Со текот на времето има интерес од одредени земји како Грција да се приклучат кон овој коридор преку диверзификација. Политичкиот и економскиот притисок доведоа до занемарување на главната идеја…“ и важното дополнување: „Се случи влијателни земји, на пример Грција, да ги искористат европските фондови за финансирање на отстапувањето и со тоа да се прекине финансирањето на самиот коридор. ..Затоа Македонија е против…“( во „Сега“, 28.06.2002 г.)

Немам намера да се повикувам на интелектот, совеста и државничкото однесување на оние кои моментално ја држат судбината на Бугарија во свои раце.

Проектот „Коридор бр. 8“ продолжува да биде химера за Бугарија. А Бугарија со инфантилен ентузијазам брза да помогне во спроведувањето на стратегии чија единствена цел е да ја попречат инфраструктурата долж оската „Исток-Запад“.

Тука нема простор за зборови. Има простор за државничка предвидливост – стока што најмногу недостасува на бугарскиот политички пазар…