Приватните компании кои граѓаните ги снабдуваат со топлинска или електрична енергија засега немаат одлучено дали ќе се приклучат на владината мерка за отпис на камати на долгови. По апелот на премиерот Зоран Заев и приватните фирми да им помогнат на граѓаните кои имаат потешкотии во плаќањето на сметките, од топланата Балкан Енерџи Груп велат дека прво ќе го почекаат законот.

„Пред да излезе со официјален став, БЕГ АД ќе ја почека официјалната објава на петтиот пакет мерки на Владата на РСМ и ќе изврши анализа од аспект на ефектите врз потрошувачите и компанијата“, велат Балкан Енерџи Груп.

– Advertisement –

И од ЕВН за Алсат велат дека во моментот кога ќе има официјална одлука од Владата, ќе ја разгледаат и ќе одлучат.

„ЕВН Македонија и во минатото се приклучуваше кон владините пакети и кампањи кои имаа за цел олеснување на плаќањето на долговите на граѓаните. Меѓутоа, овие пакети не се покажаа сосем функционални во смисла на комплетни и систематски решенија на проблемот со заостанатите долгови“, велат од ЕВН.

Премиерот Заев пак, дента кога го презентираше петтиот сет мерки ги повика приватните фирми и тие да се приклучат.

„Апелирам до приватните компании да се приклучат на јавните институции, секако доколку можат за да може да направат репрограмирање на долгот на 12 месеци со бришење на камата. Тоа е секако право и може да го направат приватните компании“, изјави Зоран Заев премиер.

Најголем дел од граѓаните кои ги анкетиравме не беа запознаени со оваа владина мерка, други беа скептични, а трети сметаа дека се работи за собирање политички поени.
„Околу отписот на камати на долгови да Ве прашам?…. Лажат…. Што мислите Вие…. Лажат.“

„Тоа не е лоша работа, ама тоа не е за да се фали Заев дека направил нешто дека направил некоја голема работа. На луѓето им треба работа, немаат леб да јадат.“
„Не знам, не знам, не ме прашувајте.“

„Не го гледам тоа со задоволство, секој кој има долг треба да си го плати на време.“

А, Властите веќе најавија дека законското решение е во завршна фаза. Отпишан ќе биде долгот по основ на камата само доколку граѓаните должници си ја платат главнината на 12 рати. Инаку ова не е прв пат државата да се реши на ваков потег, да простува долгови на граѓани направени за неплаќање на комуналните сметки.

Иле Петревски