Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Надер Саад, новоименуваниот амбасадор на Арапска Република Египет во Република Северна Македонија, со седиште во Софија.

Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма истакна дека Република Северна Македонија, како одговорна членка на меѓународната заедница придава значење на односите со сите држави, придонесувајќи за благосостојбата на народите и за обезбедување и зацврстување на мирот во светот, како и за промовирање на одржливиот развој и економскиот просперитет. Тој изрази уверување дека пред двете земји со богато културно и историско наследство постои огромен неискористен потенцијал за сеопфатна и плодна соработка, особено на економски план, а исто така и во сферите на туризмот, културата, образованието.

Амбасадорот Надер Саад во своето обраќање истакна дека Египет и Северна Македонија уживаат одлични билатерални односи од нашето осамостојување во 1991 година и посочи на историските односи што постоеле меѓу Египет и поранешна Југославија како силна основа за градење и унапредување на соработката на заедничка основа на пријателство и меѓусебна доверба. Египетскиот амбасадор изрази уверување дека ќе вложи максимални напори за натамошно унапредување на областите на соработка, со цел да се издигне и прошири опсегот на односите на повисоко ниво.

Претседателот Пендаровски на египетскиот амбасадор му посака успешно извршување на оваа значајна, благородна и одговорна функција и изрази очекување дека неговиот активен ангажман ќе остави белег во надградбата на пријателските односи и соработката меѓу двете земји.