Фитер Бајрам во Палестина е прославен под звукот на бомбардирањата од Израел. И покрај нападите на израелските сили во кои беа убиени десетици Палестинци во изминатите денови, палестинските муслимани ги наполнија џамиите за бајрамската молитва. Повеќе од 100.000 верници клањаа Бајрам во големата џамија Ал – Акса. Во Палестина, покрај молитвата за Бајрам, имаше и молитва за мртвите, за сите кои ги загубија своите животи во нападите на израелските сили во последните денови на Рамазан. Според Министерството за здравство предводено од Хамас во Газа, повеќе од 400 лица се повредени од почетокот на конфликтот, а 67 се убиени. Потоа се одржа протест со повици за „Слобода“, „Животите ќе ги дадеме за Ал – Акса“.
Во Авганистан, Талибанците и авганистанската Влада објавија тридневен прекин на огнот за Бајрам, по повеќенеделни жестоки борби. Така, Авганистанците можеа да го прослават празникот со пријателите и семејството.
За разлика од Палестина и Израел кои го поминуваат овој Бајрам во многу напната ситуација, некои други земји го одбележаа празникот под строги мерки за заштита од корона вирусот.
Во Мека, муслиманите се собраа пред Каба за да присуствуваат на молитвата за Бајрам, иако во помал број поради пандемијата. Верниците со маски учествуваа во заеднички молитви на улиците на главниот град на Индонезија, Џакарта. Земјата со најголемо муслиманско население во светот дозволи молитви во џамиите во нискоризичните области, но џамиите во областите каде вирусот е најраспространет, останаа затворени.
Во Бангладеш, десетици илјади луѓе заминуваат од главниот град Дака, за да им се придружат за време на Бајрам на семејствата во селата, и покрај националната изолација и уличните контролни пунктови. Експертите стравуваат од зголемување на случаите во земјата во која има и недостиг на вакцини.
Ирак воведе „карантин“, од среда, и ќе трае 10 дена. За да се ограничат гужвите и социјалните собири, Египет нареди до 21 мај продавниците да работат до 21 часот, а Тунис воведе полициски час и ограничувања на движењето до 16 мај. Сепак, многу други земји ќе ги олеснат мерките, бидејќи дневните случаи на зараза се намалуваат. Ова го вклучува и Јордан, кој ќе го намали полицискиот час преку ноќ почнувајќи од денеска.
Еви Шкопи