Владата подготвува нови правила во фискалната децентрализација на општините. Информациите од Илинденска се дека локалните самоуправи ќе добиваат повеќе пари од централниот буџет, но ќе се зголеми и контролата на нивното трошење. Првиот човек на Заедницата на единиците на локалните самоуправи Петре Шилегов вели дека оние градоначалници кои ќе работат недомаќински, нема да добиваат пари колку нивните колеги кои општинскиот буџет ќе го трошат за потребите на населението.

„Ние мора да направиме систем на фискално наградување на дисциплинираните општини, односно во делот на зголемување на фискалната децентрализација ќе може да претендираат само општините кои се во финансиска смисла примерни. Или оние кои ги собираат даноците, оние кои не ги прават трошоците неоправдано за да се зголемува долгот на општините“, рече Шилегов.

– Advertisement –

Шилегов е дециден дека ќе мора да се стави фискално ограничување но и фискално поведение на единиците на локалните самоуправи и да се бара одговорност од сите кои постапиле против законски и на штета на граѓаните. Посебен акцент според надлежните ќе биде ставен на наплатата на даноците, а особено на данокот на имот, ставка која во добар дел од општините слабо се наплатува. Лавина реакции во јавноста предизвика податокот на невладините организации кој покажа дека три години по ред општина Арачиново има нула приходи по основ на наплата за данок на имот. Истата општина вчера доби средства во висина од 500 илјади евра за реконструкција на локални патишта.

Иле Петревски

Прикажи повеќе