Даниела Краљевиќ, 34-годишната медицинска сестра во болничката соба во која лежела, цела ноќ го слушала оживувањето на 10-годишното момче, кое за жал не успеа да се избори со компликациите предизвикани од коронавирусот.

„Тешко сум болна и сама, но да можев ќе се симнев во собата под мојата каде што се одвиваше тешка ситуација. Би ги гушнала тие родители и би го бодрела момченцето заедно со нив. Цела ноќ му го довикуваа името и му зборуваа: Ајде, бори се, не се предавај“. И се бореше како лав. Реанимацијата траеше сигурно еден час. Тоа беше цела вечност“, го раскажа своето потресно сведоштво Даниела за 24сата.хр.

Целата болница го бодреше

Во тие моменти Даниела не знаела дека се работи за дете.

„Во тој дел од болницата обично се возрасни пациенти. Мислев дека се работи за возрасен човек. Сама сум во собата и по цела ноќ наслушнувам затоа што не можам да спијам, така што цела ноќ ја слушав борбата, довикувањето на малечкиот од родителите и семејството“, раскажа Даниела, која им изрази длабоко сочувство на родителите и на семејството пишувајќи писмо на фејсбук-страницата на медицинските сестри.

„Сакам да му кажам на семејството, ако го читаат ова, дека ми бевте во мислите, ми беше непријатно да стојам на прозорецот и да ја гледам вашата тага и болката. Ама го бодрев заедно со вас. Мислам дека цела болница го бодреше. Викав во себе: Ајде… Не се предавај! Примете го моето најдлабоко сочувство и држете се колку што можете. Тој е сега на убаво место и сите ве чува. Ви праќам голема прегратка на сите и на целиот медицински прсонал. Соба 12“, напиша Даниела.