Во вториот круг во Тетово одат кандидатката на ДУИ Теута Арифи и кандидатот на БЕСА Биљал Касами. Како што е познато постои договор помеѓу партиите за поддршка во вториот круг. Со оглед на тоа дека таму ќе се тркаат и двата владини партнери, останува да се види на кој од кандидатите СДСМ ќе ги даде нивните гласови. Експертите велат дека кого и да избере, може да се случи политички потрес, односно криза во Владата со оглед на тоа дека и ДУИ и БЕСА се владини партнери на СДСМ.

Елми Азири од Алијанса за Албанците во емисијата Клик Плус синоќа изјави дека тие се подготвени да преговараат со БЕСА и поддршката да ја дадат на Биљал Касами. Веднаш стигна реакција од нивниот партнер Алтернатива од каде велат дека тие нема да агитираат нивните симпатизери да гласаат за Касами во вториот круг. Поради тоа се очекуваат доста бурни две недели во пресрет на вториот круг во трката заградоначалник на Тетово.