Германските власти наредија отстрел на околу 62.000 мисирки и патки, откако беа потврдени случаи на птичји грип на две фарми во земјата.

Птичјиот грип Х5Н8 е потврден на две фарми во регионот Клопенбург во Долна Саксонија, кој е еден од лидерите во земјата кога станува збор за производи од живина.

Во последните неколку недели, случаи на Х5Н8 се потврдени на повеќе места во Европа, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија и има сомневање дека вирусот се шири од диви птици.

Ризикот за луѓето се смета за низок, но претходното искуство во живинарски фарми покажа дека е потребен отстрел на голем број животни за да се запре ширењето на вирусот.