Пишува: Владимир Перев

Деновиве македонската јавност беше вчудовидена од информацијата дека гувернерите на сојузните држави Илиноис и Мичиген, Џ. Б. Прицкер и Гретчен Витмер, ги повлекле своите прогласи со кои септември 2023 година беше прогласен за „Месец на македонско-американското наследство“. Во меѓувреме, резолуција со сличен текст во американскиот Сенат, поднесена од сенаторот Мајк Браун од Индијана, беше оставена без разгледување во Комитетот за правосудство и не беше прифатена. Овие случувања се резултат на протестот на заедницата на македонските бугари во Америка, која со години се бори против сите обиди на екстремните македонисти да го приграбат нејзиното културно и историско наследство во Новиот свет. Во сушност се работи за Резолуцијата 311 во Сенатот на САД, како и двата прогласи, кои беа иницирани од организацијата Обединета македонска дијаспора (ОМД) со седиште во главниот град на САД, Вашингтон.

Тоа би било краткото резиме на намерата на Обединетата македонска дијаспора во САД да ја пренапише македонската историја и тој груб фалсификат да го поднесе на одобрување на американските политички структури-во прво време на ниво на сојузни држави, за конечно да биде верифицирано од американскиот Сенат. Но, тоа е најмалку важната работа, далеку позначајна е реакцијата на Бугарија и бугарската дипломатија. Така, херој на денот или пак на неделата, а може би и на целиот овој месец, во Македонија беше и долго ќе остане, бугарскиот генерален конзул во Чикаго, Светослав Станков.

Сто години Бугарија нема конзистентна и агресивна политика по однос на Македонија. Напротив! Крајот на Првата светска војна и поразот на Бугарија, потоа неправедните мировни договори во Париз и Неј, ја блокираат бугарската дипломатија и нејзините дејствија низ тогавашното Кралство СХС, покасно Југославија. Малкумина знаат дека од 1918 година па сѐ до 1992 година, бугарскиот амбасадор во Белград немал право да го напушти градот без да најави каде ќе патува, која е целта на неговото патување и кога ќе замине и ќе се врати назад. Фактички, бил затвореник во ареалот на град Белград и без право на излез, поточно излез со најава и одобрение. Така, една европски образувана дипломатија, со високообразовани кадри, останува како плен на Србија во Белград, со крајно рестиктивно, невозможно слободно движење низ југословенските пространства. Така се понижувани една држава, еден народ-бугарскиот а нивната диплометија е оневозможена да ги врши елементарните работи и во двете Jугославии.

Ако Бугарија во Првата светска војна беше поразена, по Втората светска војна остана со придавката “фашистичка“ и нејзиниот статус во СФРЈ остана непроменет од оној во кралската Југославија. Никогаш, ниеден бугарски дипломат не стапнал на територијата на Македонија и не го посетил Охрид, сѐ до 1992 година, кога за прв амбасадор од Бугарија во самостојна Република Макдонија дојде Ангел Димитров. Единствениот исклучок беше направен за време на земјотресот во Скопје, во 1963 година кога дојде големата бугарска техничка помош, а тогавашниот бугарски амбасадор во Белград, Груди Атанасов успеа да дојде до Скопје. Патувањето е овозможено со личното одобрение на Александар Ранковиќ, во тоа време сѐсилниот шеф на тајната полиција на Југославија. Сепак, и тој не стигна до мечтаениот за сите бугари Охрид. Но, неговата посета го навестува новото време.

Од лево на десно: Томас Лебамов, Владимир Перев, Светослав Станков, Ник Стефанов со неговата сопруга и доц. д-р Спас Ташев, на пријателска вечера во Софија.

Светослав Станков не е безпотребно “херојот на месецот“ низ македонските медии. Неговата дејност во Чикаго и САД воопшто, има историска димензија. За прв пат еден бугарски дипломат успева да блокира решение на некаква македонистичка организација или лобистка група на територија вон Бугарија, сечејќи ги во корен напорите на македонските структури во поддршата на дејностите на таквите групи. Но, да не се залажуваме, тоа не е само негов личен успех. Евидентно е разрастувањето на бугарската дипломатија, нејзиниот подем и конзистентната политика по однос на Македонија-барем да кажеме за нас овде. Нештата почнаа од министерувањето на Екатерина Захариева, потоа на Теодора Генчовска, потоа на сите службени министри во времето повеќекратните изборни напори на Бугарија, за сето тоа да биде крунисано со министерувањето на Марија Габриел. Во начело, претседателот Румен Радев беше координатор на овие дејствија на дипломатијата.

Македонија допрва ќе си има проблеми со напорите на македонските дипломати или лоби групи, да поддржуваат поранешни па и сегашни прекројувања на историјата по македонистички терк, или пак нивното пласирање низ светот како национална и историска “вистина“ за Македонија. Тоа веќе нема да може да помине. Ако актуелната министерка за надворешни работи на Бугарија, си поднесла оставка како навистина успешен еврокомесар во Брисел, за да седне на “жешкото столче“ на бугарски министер за надворешни работи, тоа треба да биде знак дека нешто сериозно се случува со бугарската дипломатија. Пред сѐ, тоа е сериозен подем и ангажирање на сите расположиви ресурси низ Европа и светот, за подршка на бугарската надворешна политика. Тоа е подршка за бугарите низ целиот свет, а специјално во Македонија, Молдова, Украина и Западните покраини.

Случајот во Мичиген и Илиноис е важен настан, предвесник на новото време, кое ние во Македонија сѐуште не сакаме да го прифатиме. Затоа, Светослав Станков е првиот бугарски дипломат кој јавно, но и со документи и аргументи, се спротистави на македонистичкото толкување на историјата и минатото, успеа да ги заштити историските вредности на македоно-бугарската култура и традиција во Америка и да го наложи видувањето на бугарската историја и дипломатија во пресметката со промакедонистичка лоби група. Тоа е факт!

Пропаста на проектот “Мичиген-Илиноис“ треба да биде предупредување кон македонските структури околу беневолентното толкување на нашата историја и минато, структурата на нашиот јазик и “древноста“ на нас самите. Првите “заушки“ ги добивме од Грција, оние од Србија ги добиваме редовно, ама се правиме дека не забележуваме, а допрва нѐ чекаат проблемите со албанците и некои други во наша близина. Во тој контекст, внесувањето на бугарите во Уставот и нашите дилеми околу тоа, во блиска иднина ќе ни се видат како песничка за мали деца.

Јасно е дека бугарската дипломатија е во подем, а секогаш може да очекуваме дека однекаде, од некое непознато место, ќе се појави некој “нов“ Светослав Станков. Стигнавме во време на нашето преиспитување!