Започна расчистувањето на локацијата кај поранешната фабрика „Треска“, а чистењето, како што најави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ќе се врши плански во неколку фази и би требало да се расчисти за неколку недели.

Најпрво, како што информира тој, ќе се отстранува опасниот отпад, азбестниот покрив, ќе се уриваат објектите, па ќе се отстранува кабастиот отпад, а крајот ќе се врши дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просторот.

До почетокот на месецов сите постапки биле во застој бидејќи, како што кажа градоначалникот, се чекала дозвола за почнување на активности од обвинителството кое постапуваше по утврдување на причините за пожарот што пред неколку месеци избувна во магацин кај „Треска“.

Герасимовски информира дека до овој момент во Општина Центар се пристигнати 36 барања за издавање решение за отстранување објекти од кои досега се одобрени 13. Отстранувањето на објектите, објасни тој, ќе го вршат самите сопственици, а за време на отстранувањето ќе бидат под надзор од страна на инспекциските служби за животна средина на Општината. Отпадот потоа ќе биде депониран во „Дрисла“ и ќе биде соодветно уништен.

„Град Скопје води постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З 11 – локалитети Буњаковец 1 и Буњаковец 2. Носењето на овој план ќе ја олесни процедурата за одвојување и донесување план само за просторот кај ‘Треска’ со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот. Ги повикувам и другите надлежни институции активно да се вклучат за негово поскоро донесување“, рече Герасимовски.

Прашан дали расчистувањето на овој дел е со цел инвеститорите да го бетонираат просторот и да градат згради, Герасимовски кажа дека Општината прави напори да се донесе нов ДУП, со цел да се направи подобра урбанизација.

„Во моментов има важечки ДУП, имавме три години мораториум чија цел беше да се изменат ДУП, за жал, не се успеа, но правиме напори преку регулација да се одвои овој дел и да направиме подобар ДУП. Во моментов има доставено 15 барања за доофурмување на парцели и околу четири барања за градежни дозволи. Додека не ги издадеме сите 36 одобренија за расчистување на објектите ќе се закочи целиот процес. Не зависи од Општината Центар, но сигурен сум дека за брзо време ќе ја направиме измената на ДУП“, нагласи Герасимовски.

Тој напомена дека поради тоа што во моментов има важечки ДУП, а доколку во меѓувреме не се донесе нов, Општината ќе мора да го почитува законот и според тој ДУП ќе дава одобренија за градежни дозволи.