Поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф денеска почина по долго боледување во болница во Дубаи, во самонаметнат егзил што траеше со години.
Пакистанската војска и државната мисија во Обединетите Арапски Емирати ја објавија смртта на 79-годишниот поранешен пакистански воен командант, кој беше соборен од власта во 2008 година.
-Можам да потврдам дека тој почина утринава, изјави Шазија Сираџ, портпаролка на пакистанскиот конзулат во Дубаи и амбасадата во Абу Даби.
Командантите на пакистанската армија, морнарица и воздухопловни сили изразуваат сочувство за неговата смрт, изјави портпаролот на армијата.
Претседателот Ариф Алви изрази сочувство преку соопштение.
Телото на Мушараф со специјален авион ќе биде транспортирано од Дубаи во Пакистан, каде ќе биде погребан, објави локалниот телевизиски канал.
Поранешниот генерал, кој дојде на власт со крвавиот пуч во 1999 година, го надгледуваше брзиот економски раст и се обиде да воведе социјално либерални вредности во оваа конзервативна муслиманска земја.
Најголемата закана за него беше Ал Каеда и другите милитантни исламисти кои се обидоа да го убијат најмалку три пати. Употребата на војската за задушување на несогласувањата, како и континуираната поддршка за САД во нивната борба против Ал Каеда и авганистанските талибанци на крајот доведоа до негов пад.
Откако му беше дозволено лекување во странство, и покрај тоа што беше суден за предавство во Пакистан, Мушараф во 2016 година замина во Дубаи./МИА/